СДСМ: Барањата на струмичките земјоделци се оправдани, откупната цена на ајварката да надмине 50 денари
Опозицијата ја поддржа блокадата во Струмица и повика на системско решение и откупна цена над 50 денари за килограм.

Опозициската СДСМ ја поддржа блокадата пред подрачното одделение на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Струмица, истакнувајќи дека откупната цена на ајварката е недостојна и треба да надмине 50 денари за килограм.
Опозицијата протестот го чита како сигнал од руралните средини
Од СДСМ велат дека откупната цена од 25 денари по килограм за пиперката од сортата „куртовска капија“ е крајно понижувачка, нерентабилна и не ги покрива производствените трошоци. Тие посочуваат дека во 2022 и 2023 цената се движеше помеѓу 45 и 50 денари по килограм, а зголемените трошоци за гориво и репроматеријали дополнително го намалуваат приходот на земјоделците.
„Со поскапувањето на горивата, сè е поскапено во земјоделството. Поскапи се репроматеријалите, ѓубривата, работната рака, производството. Само трудот на земјоделецот е поевтин. Овој протест е гласот на сите македонски земјоделци кои овие две години со ВМРО на власт се излажани, понижени и оставени сами, без поддршка. Оваа Влада направи пустош во земјоделството – намалени и неисплатени субвенции, ниски откупни цени, проблеми со откуп и зголемени производствени трошоци.“, велат од СДСМ.
Земјоделците од Струмица, дел од нив пристигнати со трактори и механизација, го блокираа подрачното одделение и бараа гарантирана повисока откупна цена за локалната сорта „куртовска капија“. Најголем дел протестираа поради откупната цена која во моментов изнесува 25 денари по килограм, што според нив не е одржливо за производство.
На една од транспарентите стоеше пораката: „Дајте цена за пиперот, за да остарам на дедовото огниште“. СДСМ порача дека ќе се бори за правата на земјоделците и ја повика Владата да донесе системско и одржливо решение кое ќе им обезбеди соодветен егзистенцијален приход.
Фото: СДСМ