Почетна
Македонија

СДСМ предлага укинување на акцизата и намалување на ДДВ на 5%

СДСМ тврди дека укинувањето на акцизата и намалувањето на ДДВ ќе донесат значително поголемо олеснување отколку владината привремена мерка за дизел.

·Македонија
СДСМ предлага укинување на акцизата и намалување на ДДВ на 5%

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) предложи укинување на акцизата на горивата и намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 18 на 5 отсто, при што претседателот на партијата Венко Филипче рече дека станува збор за реални мерки кои ќе донесат олеснување за домаќинствата и ќе влијаат врз цените на транспортот и логистиката.

Предлогот беше презентиран по вчерашната одлука на Владата за привремено намалување на ДДВ-то за дизел-горивото од 18 на 10 отсто. Филипче оцени дека владините мерки се повторно задоцнети и недоволни, и дека пакетот што го предлага СДСМ ќе донесе значително поголем ефект за граѓаните.

Количински споредби — колку повеќе гориво ќе значи тоа

Филипче ја илустрираше разликата со конкретни бројки и уште еднаш потсети дека со предлог-мерките на СДСМ граѓаните ќе имаат реално поголема куповна моќ. Тој рече: „Доколку се имплементираат мерките на Владата, недоволното намалување на акцизата од 18 на 10 отсто, тогаш, човек со просечна нето плата може да купи 513 литри евродизел или 535 литри евросупер. Со нашите предлог мерки, ќе може да купи 621 литар евродизел, значи 108 литри повеќе, или 740 литри евросупер, односно 205 литри повеќе“,

Тој посочи дека разликата е уште поизразена кај оние на минимална плата и дека секоја заштеда директно влијае на семејниот буџет. „Човек со минимална плата, наместо со мерките кои што ги предлага Владата да може да купи 276 литри евродизел, да може да купи 334 литри евродизел, значи 58 литри повеќе, и наместо 288 литри евросупер, 398 литри евросупер, односно 110 литри гориво повеќе со мерките на СДСМ“, додаде Филипче.

Претседателот на СДСМ нагласи дека предлагањето на овие мерки има и поширок економски контекст, бидејќи пониските цени на горивата можат да влијаат и врз другите цени на пазарот, при што го критикуваше и владиниот пристап. „Сметаме дека ова се вистински мерки, кои граѓаните ги заслужуваат, затоа што ова значајно намалување на цените на горивата, со поддршка од страна на државата, може да предизвика и некаков пад на останатите цени. Затоа што цените по маркетите се ужасни. Ние имаме поскапи цени од Германија – на прехранбени продукти, на пијалоци, на се. И никој од оваа криминална арамиска влада за тоа не е заинтересиран, заинтересирани се само за партиските тендери од кои што крадат народни пари“, рече Филипче.

Владината повластена даночна стапка за дизел е од привремен карактер и ќе се применува до 28 септември. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) истовремено донесе одлука по која од полноќ бензините поскапуваат за 3,5 денари, а дизелот поевтинува за 2 денари. Новата цена на еуросупер БС-95 изнесува 100,50 денари за литар, еуросупер БС-98 се продава за 102,50 денари за литар, а дизелот се продава за 99 денари.

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека „доколку не била донесена одлука за намалување на акцизата, цената на дизел-горивото ќе била 11-11,5 денари поскапа од литар од ова што е денеска.“

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи