СДСМ: Вработени во повеќе државни институции, вклучително и во ЕСМ, не ги добиле октомвриските плати
Од партиското соопштение се вели дека работниците добиле СМС пораки дека не се знае кога ќе бидат исплатени платите и се поврзува задоцнувањето со голем дефицит.

СДСМ обвинува дека во повеќе државни институции доцни исплатата на плати, меѓу кои и во најголемата енергетска компанија ЕСМ, а во партиското соопштение се наведува дека вработени реагираат дека вакво нешто досега не се случило.
Според партијата, вработени во ЕСМ добиле СМС-пораки дека не е познато кога точно ќе биде исплатена октомвриската плата и дека треба да бидат трпеливи.
Проблеми и реакции од општините
Од општини пристигнале реакции дека преку Трезорот не можат да реализираат плаќања, поради што СДСМ го поврзува задоцнувањето со состојбата во државната каса.
Во соопштението партијата поставува: "Што се случува? Дали Мицкоски и неговата ВМРО ОКГ до толку ја испразнија државната каса што веќе не можат да се сервисираат ниту редовните обврски?"
СДСМ додава дека „СДСМ со месеци предупредува за катастрофалната состојба со буџетот. Дупката во буџетот е околу 900 милиони евра, јавниот долг неконтролирано расте.”
Во соопштението се вели и дека „Мицкоски и ВМРО ги доведоа државните финансии во сериозна опасност, со криминалните политики создадоа нов долг од 4 милијарди евра за две години и до крај на година ќе биде и над 60% од БДП.” Партијата побара објаснување од надлежните за причините за задоцнувањата и состојбата со јавните финансии.
Фото: прес-материјал од настанот


