Мицкоски: студентите ќе можат да ја користат месечната субвенција и за попусти во трговските синџири
Премиерот најави продолжување на привилегиите и реагираше по објавата на Бленди Ходаи.

Премиерот Христијан Мицкоски најави мерки со кои владата планира да им овозможи на студентите да ја користат одобрената месечна сума за студентски оброк и за дополнителни попусти во трговските синџири. Изјавата следуваше по објава на Бленди Ходаи, кој ја отвори темата за повластената исхрана во собранискиот ресторан.
Бленди Ходаи, претставник на Форумот за образовни промени, на социјалните мрежи објави фотографија од менито на собранискиот ресторан и направи споредба со поддршката што ја добиваат студентите, прашајќи: „Еве го менито на собранискиот ресторан, каде што народните избраници можат да јадат по повластени цени. А потоа, од истото тоа Собрание, се одлучува за студентскиот оброк и за младите, од кои 38 отсто се соочуваат со ризик од сиромаштија. Прашањето е едноставно: зошто повластената исхрана е оправдана за функционерите, а субвенционираниот оброк за студентите е предмет на расправа?“
Реакција на премиерот и разговори со студентите
Мицкоски рече дека бил „непријатно изненаден и, би рекол, шокиран“ од начинот на кој, според него, биле навредувани редовните професори. Тој нагласи дека сам и министерката за образование и наука Весна Јаневска се редовни професори и дека многу генерации студенти добиле поддршка во стекнувањето потребното знаење.
Премиерот жалеше што Ходаи не бил присутен на состанокот на кој тој разговарал со легитимните претставници на студентските движења за прашањето на студентскиот оброк.
За планираната промена во користењето на субвенцијата тој рече: „Ние веќе работиме во Владата на тоа, во рамките на она за кое зборував, да може студентите да ги користат овие привилегии не само за студентски оброк, туку и онаа сума, оној волумен што ќе биде одобрен на месечно ниво да го продолжат и понатаму да го користат во синџирите за дополнителни попусти, дополнителни привилеги“, кажа Мицкоски.
Премиерот упати порака до студентите: „И би сакал да испратам една порака до студентите дека јас како редовен универзитетски професор сум нивен пријател, поддржувач. Бидејќи, на крајот на краиштата, политиката и оваа денешна моја позиција се минлива категорија. Кога сето ова ќе заврши, јас повторно ќе му се вратам на универзитетот и повторно ќе работам и ќе другарувам со студентите и ќе се потрудам дел од своето знаење и искуство да го пренесам, кое се надевам дека на голем дел од нив ќе им значи додадена вредност во нивните животи“, рече тој.
Како потврда за поддршката на владата за студентите, Мицкоски наброја проекти поврзани со студентските домови, обезбедување електронски уреди за студентите, активности за ученичките и студентските домови, како и изградба на нови универзитетски кампуси. „Оваа влада е пријател на студентите и така ќе продолжи. Поединци можеби нема да се согласуваат со оваа политика. Но, непристојно е редеовни професори да бидат понижувани и навредувани на отворена сцена“, кажа Мицкоски.
Форумот за образовни промени претходно поднесе тужба против Министерството за образование и наука пред Управниот суд, тврдејќи дека министерството во последните три години не ја усогласувало висината на субвенцијата со годишната стапка на инфлација предвидена во членот 2.1 од Законот.
Фото: прес-материјал од настанот


