Сè уште активни пожари во Чашка, Липково и Дебар — ЦУК
Во изминатото деноноќие регистрирани 39 пожари; три активни, еден под контрола, 35 изгаснати заклучно со 7:30 часот.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти утрово дека во изминатото деноноќие на територијата на државата биле регистрирани вкупно 39 пожари на отворен простор. Заклучно со 7:30 часот утрово, три пожари се уште се активни, еден е ставен под контрола, а останатите 35 се изгаснати.
Активни пожари во Чашка, Липково и Дебар
Од активните пожари, еден е на територијата на Општина Чашка, во атарот на селото Јаболчиште, кај местото викано „Биков Гроб“, каде гори букова и дабова шума, кривуљ и ниска вегетација. Другиот активен пожар е во Општина Липково, на местото „Гури Ќук“ кај селото Стрима, каде неколку дена од оган е зафатена борова и нискостеблеста шума.
Пожарот во подрачјето на Општина Дебар, кај селото Горно Косоврасти, на местото викано „Крушно и Вложно“, исто така е активен и горат мешани шуми.
Пожарот што беше регистриран во Општина Студеничани, помеѓу селата Драчевица и Цветово, на местото „Калдиред“, каде беше опожарена ниска вегетација, е ставен под контрола.
Останатите 35 пожари што се изгаснати биле регистрирани во повеќе општини и претежно гореле ниска вегетација, нискостеблеста шума, стрништа, ѓубре и депонии.
Фото: Архива


