Почетна
Македонија

Велковски: Не се укинува вториот пензиски столб - членот за 6% се префрла во друг закон

Велковски тврди дека бришењето на член 120 е техничко префрлување на одредбата за 6%, а не укинување на столбот.

·Македонија
Велковски: Не се укинува вториот пензиски столб - членот за 6% се префрла во друг закон

Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски ги отфрли тврдењата дека се подготвува укинување на вториот пензиски столб, порачувајќи дека станува збор за пренесување на законска одредба во друг закон и техничко усогласување на регулативата.

Во изјавата испратена до ТВ 24, Велковски реагираше на прашањата кои ги постави опозициската СДСМ во последните два дена, предупредувајќи дека бришењето на член 120 може да ги загрози заштедите на повеќе од 650.000 граѓани кои се членови на вториот столб.

Одредбата се пренесува, столбот останува

„Не се укинува вториот пензиски столб. Со предложените измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување не се укинува ниту вториот пензиски столб ниту придонесот што се уплаќа во него. Станува збор за законско и техничко усогласување на регулативата. Имено, со член 17 од Предлог-законот, кој е објавен на ЕНЕР, се предлага бришење на член 120 од постојниот закон кој ја регулира стапката на придонесот за вториот пензиски столб. Но, тоа не значи дека придонесот се укинува или дека се укинува вториот пензиски столб. Напротив, неговото нормативно уредување се пренесува во Законот за задолжителни социјални придонеси, каде што системски ќе се регулираат прашањата поврзани со задолжителните социјални придонеси. Значи, вториот пензиски столб продолжува да постои, а придонесот продолжува да се уредува со закон. Станува збор за пренесување на законската одредба во друг закон, а не за укинување на пензискиот столб,“ порача Велковски.

Според информациите од министерството, законската одредба за 6 проценти ќе се префрли во Законот за придонеси за задолжително социјално осигурување преку додавање на нов член 25 А. Предложените измени се очекува наскоро да се најдат на ЕНЕР како дел од пошироката реформа на пензискиот систем.

Реформата, велат од ресорот, предвидува сите придонеси за пензиско, за Агенцијата за вработување и за здравствено да се канализираат преку Управата за задолжително социјално осигурување, а распределбата да ја врши УЈП. Според властите, станува збор за организациска промена со цел системско уредување на задолжителните придонеси, а не за укинување на постоечките права.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи