Сексуално недолично однесување во Бундесверот: секоја седма жена- жртва на недолично однесување
Студијата презентирана во Бундестагот на 11 ноември 2026 открива високи стапки на вознемирување; министерот Писториус најави „нулта толеранција”.

Прва репрезентативна студија покажа дека сексуалното недолично однесување во Бундесверот е значително пораспространето отколку што порано се мислеше, а најчесто погодени се помладите женски припаднички. Резултатите министерот за одбрана Борис Писториус ги презентираше во Бундестагот на 11 ноември 2026 и најави акциски план и „нулта толеранција”.
Центарот за воена историја и општествени науки на Бундесверот испрати прашалници до 45.000 припадници на вооружените сили; стапката на одговор изнесувала околу 18 проценти. Биле анализирани повеќе од 8.100 прашалници, а количествените податоци биле дополнети со индивидуални и групни интервјуа. Истражувачкиот институт оценува дека податоците се научно репрезентативни.
„Од самиот почеток ни беше јасно дека анализата ќе открие непријатни вистини“, изјави Писториус пред пратениците на 11 ноември 2026. Тој додаде: „Истражувањето покажува дека само една шестина до една третина од случаите и де факто се пријавуваат.“ Студијата открива дека најчесто погодени се помлади жени со понизок чин; сторителите се претежно мажи, а меѓу мажите непропорционално често се погодени оние кои не се хетеросексуални.
Клучни бројки и најчести форми на вознемирување
Статистички гледано, борбените единици не се значително различни од остатокот на вооружените сили. Припадничките кои служат во единици со поголем удел на жени (повеќе од 15 отсто) поретко пријавиле неповолно однесување. Најчеста форма е вербалното сексуално вознемирување: 72 проценти од жените и 31 процент од мажите изјавиле дека барем еднаш во текот на својот воен рок доживеале вербално сексуално вознемирување. Во 12-те месеци пред анкетата, 38 проценти од жените и 16 проценти од мажите имале такво искуство. Физичко сексуално недолично однесување пријавиле 9 проценти од жените и 3 проценти од мажите, додека 2 проценти од одговорилите од двата пола биле изложени на сексуално насилство.
Студијата ја испитувала и причината зошто инцидентите остануваат непријавени; најчест одговор бил желбата да се избегне „кревање прашина“. Писториус посочи дека тоа укажува на недоволна доверба во каналите за пријавување и дека тоа е клучен проблем што министерството мора да го реши.
Партијата на Зелените побара основање независно тело за пријавување. „Покрај стандардните дисциплински постапки да се формира независно тело за пријавување кое би имало овластувања за истражни дејствија и надлежност да иницира соодветни дисциплински мерки“, рече Сара Нани, портпаролка на Зелените за прашања од областа на одбраната. Бундесверот ќе го прошири системот за поддршка на жртвите и ќе подобри информирањето како и каде да се пријавуваат случаевите. Центарот за советување, отворен на почетокот на ноември, во иднина ќе биде достапен 24 часа на ден, а претпоставените ќе добијат дополнителна обука.
Генералниот инспектор Карстен Бројер нагласи: „Сексуалното недолично однесување ќе биде тема на обука на сите нивоа уште од самиот почеток.“ Начинот на кој претпоставените постапуваат при пријави ќе стане постојан критериум при оценувањето на нивниот професионален учинок. Писториус предупреди: „Секој што не дава личен пример, или пак толерира несоодветно однесување, или не инсистира на негово доследно решавање, веќе нема да може да извршува раководна функција.”
Истражувањето беше покренато поради сѐ поголемиот број пријави до поранешната парламентарна комесарка за вооружените сили Ева Хегл и се забрза годинава откако во јавноста излегоа информации за инциденти во полкот на падобранците во Цвајбрикен. Актуелниот парламентарен комесар за вооружените сили, Хенинг Оте, ги оцени бројките како „драматично високи“. Бундесверот интензивно се обидува да привлече повеќе жени во своите редови, но наодите од студијата може да ги отежнат тие напори.
Фото: прес-материјал од настанот


