Почетна
Политика

Селаудин Арифи демантира обвинувања за влезот на Алта банка и најавува тужба

Компанијата АС Сењак од Кичево ги отфрла тврдењата за кредит и влијание при влезот на Алта банка и најавува правна реакција.

·Политика
Селаудин Арифи демантира обвинувања за влезот на Алта банка и најавува тужба

Сватот на лидерот на ДУИ, Селаудин Арифи, преку компанијата од Кичево „АС Сењак“ остро ги демантира обвинувањата дека имал кредитна или друга поврзаност со влезот на српската Алта банка на македонскиот пазар и најавува судска постапка против владеачката Влен за клевета.

Во соопштението фирмата тврди дека нема земено кредит од Алта банка – Србија и дека не влијаела врз постапките и одлуките на надлежните институции.

Од соопштението на „АС Сењак": „Категорично ги отфрламе наводите дека сме имале какво било влијание врз процесите поврзани со влезот на Алта банка на македонскиот пазар, ниту, пак, сме биле во позиција да влијаеме врз одлуките на надлежните институции. Во судска постапка ќе се утврдат фактите и ќе се докаже дека станува збор за неосновани обвинувања, клевети и намерни манипулации со јавноста“, велат од „АС Сењак“.

Што ѝ приговоруваат Влен?

Владеачката Влен тврди дека врската за влезот на Алта банка во земјата е токму сватот на Али Ахмети. По редот на наводите, „АС Сењак“ во октомври 2024 година купила значителен пакет акции во Стопанска банка – Битола; во јуни 2025 една фирма поврзана со Арифи, според Влен, земала кредит од пет милиони евра од централата на Алта банка во Белград; а на 17 септември 2025 година компанијата официјално ги продала акциите на Давор Мацура и Алта банка.

„И само три месеци подоцна, на 17 септември 2025 година, се случува финалниот чин: компанијата 'АС Сењак' на сватот на Ахмети официјално му ги продава своите акции во битолската банка токму на Давор Мацура и неговата Алта банка, со што му овозможува директно преземање на банката во Македонија“, вели Астрит Исени од Влен.

Опозицискиот СДСМ ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Трајко Славески дека ја загрозиле безбедноста на парите на граѓаните и на целокупниот банкарски систем и дека сега се обидуваат да ја замолчат опозицијата.

„Сега во страв од одговорност, Христијан Мицкоски посегнува по истиот модел на неговиот шеф, Александар Вучиќ и она што тој го правеше во Србија, сака со да ја замолчи опозицијата. Мицкоски прво ја обвинуваше СДСМ за ширење хистерија, иако тој и Славески ја создадоа хистеријата“, изјави Наташа Поповиќ од СДСМ.

ВМРО‑ДПМНЕ истакна дека темата за Алта банка првпат била поставена на владината седница од 24 октомври 2023 година. „Сега е јасно зошто токму Фатмир Бесими, министерот за финансии во Владата на СДС и ДУИ, на владината седница од 24 октомври 2023 година ја отворил темата за Алта банка“, вели Валентин Манасиевски од ВМРО‑ДПМНЕ.

ДУИ, пак, реагира дека одлуките кои ѝ давале пат на Алта банка да влезе во банкарскиот систем се одговорност на сегашната влада. „Имаме конкретни одлуки од оваа влада, само од оваа влада, од никој друг, каде што им се овозможува на Алта банка да влезат во банкарскиот систем во Република Северна Македонија“, вели Арбер Адеми од ДУИ.

Пред две недели Народната банка на Србија ѝ ја одзеде лиценцата на Алта банка – Белград, а сопственикот Давор Мацура беше уапсен. Народната банка на Северна Македонија подоцна презеде управување со Алта банка – Македонија.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи