Септемвриските пензии ќе се зголемат за 3% — исплата во октомври
Фондот: покачувањето ќе биде процентуално и ќе се пресметува индивидуално; следно усогласување е во март.

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување потврди дека септемвриските пензии ќе бидат зголемени за три проценти и дека тие ќе бидат исплатени во октомври, а покачувањето ќе се применува процентуално, а не линеарно.
Конечниот износ за секој пензионер ќе се пресметува индивидуално во согласност со актуелните примања, велат од Фондот. Во Фондот веќе се вршат пресметките за новите износи со цел исплатата да биде подготвена навреме. Следното законско усогласување е предвидено за март следната година.
Начин на пресметка
Според законот, пензиите се усогласуваат двапати годишно — во март и во септември. Формулата претставува збир од 50 отсто од порастот на трошоците за живот и 50 отсто од растот на просечно исплатената нето-плата во првото полугодие во однос на претходните шест месеци.
Во изминатите две години пензиите беа линеарно покачувани во четири наврати, при што секој пензионер доби вкупно зголемување од 7 000 денари, без разлика на висината на претходната пензија. Минатата година Уставниот суд отвори постапка за оценка на линеарното зголемување, но во март годинава ја запре постапката бидејќи предлогот за оценување на уставноста на член 2 од измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 2025 година не доби мнозинство од уставнит судии. Уставниот суд оцени дека линеарното зголемување не е неуставно.
Работна група составена од претставници на Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии, ПАПАС и ПИОМ подготвува законски измени како дел од реформа на пензискиот систем. Првата измена за која е отворен патот е откупот на недоволни години работен стаж; истовремено се работи и на решенија за мултифондови, начин на штедење и семејни пензии.
Во интервју емитувано на МРТ 1 на 14 септември, министерот за труд, социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски го опиша прашањето за вториот столб како можно „реконструкција“, а не укинување, и рече дека опциите ќе бидат проверени од формираните работни групи. Тој рече: "Опцијата којашто, нели се отвори како дебата, мислам во последните месец и половина дадовме одговои, нели во неколку наврати и Владата, меѓутоа и ние како ресорно министерство, е дека е потребно да се провери овој систем. Дасе направи проверка, за тоа и за таа цел, формирани беа одредени работни групи, одредени тела коишто треба да направат анализа да видиме со денешните параметри што значи штедењето во вториот столб, односно какви би биле приносите на идните пензионери коишто треба да излезат во пензија во годините што следат", и најави воведување мултифондови со растечко, балансирано и конзервативно портфолио, во зависност од возраста и изборот на осигуреникот.
Фото: Архива


