Серафимовски: Министерството ќе ја поддржи продажбата и цената на кочанскиот ориз
Министерот најави финансиска помош за минатогодишниот род, анализа по сезоната и објавување јавни цени во откупните центри.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски изјави дека Министерството активно работи на решавање на проблемите поврзани со пласманот, производството и цената на оризот, на своето обраќање денеска во Горни Подлог на 35. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.
„Ова што го гледаме денеска е доказ дека оризот како култура е повеќе од важна и затоа ние како Министерство сериозно сме засегнати за решавање на проблемите во делот на пласманот, производството, продажбата и нормално, за самата цена на оризот“, нагласи Серафимовски.
Тој посочи дека веќе остварил повеќе средби со оризопроизводителите и со претставниците на откупно-преработувачките центри, вклучително и неодамнешната средба во Општина Чешиново-Облешево.
Државна поддршка и понатамошни анализи
„Ние како држава дополнително ќе застанеме зад производителите на ориз и финансиски ќе им помогнеме за родот од минатогодишната реколта. Исто така, и на крајот на оваа сезона ќе направиме дополнителна анализа и ќе решиме каква помош треба да добијат. Главно е дека треба да го зачуваме квалитетот на оризот, а преработувачите да го платат согласно методологијата за пресметување на цената“, истакна министерот.
Серафимовски потсети дека откупувачите имаат законска обврска јавно да ги објават цените во откупните центри и нагласи дека тоа треба да го сторат веќе во текот на следната недела.
Претходно истиот ден, заменик-претседателката на СДСМ Фани Каранфилова-Пановска предупреди дека состојбата на македонските оризопроизводители е катастрофална и дека доколку не им се обезбеди итна финансиска поддршка постои ризик нивите следната година да останат непосеани.
Фото: прес-материјал од настанот


