Шамбевски (ВМРО-ДПМНЕ): Поевтини станови, 3.000 стипендии и 32 милиони евра за вработување на младите
Потпретседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ претстави пакет мерки за поддршка на млади брачни парови, вработување и студенти.

Потпретседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Борис Шамбевски, на прес-конференција претстави пакет законски и финансиски мерки наменети за олеснување на пристапот на младите до работа, образование и домување.
Клучни мерки за домување, вработување и студенти
Шамбевски посочи дека се подготвуваат закони насочени кон млади брачни парови до 35 години. Првата мерка предвидува купување стан по цена најмалку 20 отсто пониска од пазарната, при што градежните компании ќе имаат обврска да издвојат најмалку 10 отсто од станбената површина за оваа категорија. Втората мерка предвидува целосно ослободување од плаќање комуналии кон општината за младите парови до 35 години кои градат сопствен дом.
За поттикнување на вработувањето, Шамбевски наведe дека овогодишниот Оперативен план располага со буџет од 40 милиони евра и опфаќа над 10 000 лица. Од нив, 32 милиони евра се наменети за директни мерки кои опфаќаат 6 000 млади лица до 29 години, а предвиден е и младински додаток од 3 000 денари. Тој потсети дека минатата година преку Програмата за самовработување со грант беа отворени речиси 2 200 нови фирми.
Во образованието, според Шамбевски, се воведува нов модел со вкупно 3 000 студентски стипендии распределени во три категории – 1 200 за социјална поддршка, вклучувајќи ги и студентите со попреченост и ретки болести, 1 050 стратешки стипендии за дефицитарни насоки како математика, физика, хемија, земјоделство, шумарство, наставна биологија и рударство, и 750 стипендии за висок академски успех.
„За да се подобри студентскиот стандард и овозможување полесен пристап до услуги, се подготвува и ново законско решение за воведување студентска картичка. Со оваа картичка, студентите ќе можат да остваруваат 20 отсто попуст за услугите достапни преку апликацијата М-услуги, во текот на целата година“, рече тој.
Според Шамбевски, овие решенија имаат цел да им овозможат на младите полесен пристап до работа, образование и сопствен дом, за својата иднина да ја градат во Македонија.
Фото: прес-материјал од настанот


