Шест институции потпишаа меморандум за LERMS-платформа
Меморандумот предвидува автоматизирана размена на податоци и следење на предмети меѓу шест државни органи.

Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање и Агенцијата за управување со одземен имот денеска потпишаа Меморандум за соработка за воспоставување заедничка, сигурна платформа за размена на податоци и следење на предмети, во рамки на проектот „Воспоставување систем за евиденција, податоци и управување со предмети на органите на прогонот“ (LERMS), финансиран од Европската Унија.
Со Меморандумот се дефинира техничката и институционалната поврзаност меѓу шесте институции со цел автоматизирана и одржлива размена на податоци, автоматизирано статистичко и аналитичко известување и можност за следење на постапките од предистражните дејствија, преку обвинителските и судските постапки, до финансиските истраги и постапките за одземање и конфискација на имот.
Цел: подобра координација и отчетност
Систем за следење на случаите низ целиот кривично-правен процес
LERMS треба да овозможи видливост на процесите во сите фази на постапката: од кривичните пријави и предистражните постапки, преку подигање обвиненија и судски рочишта, до финансиските истраги и управување со одземениот имот. Тоа, според потписниците, треба да ја зајакне координацијата и одговорноста на надлежните органи.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески нагласи дека точните и навремени информации се критичен ресурс во борбата против криминалот и ги повика институциите на добро координирана акција. "Статистичките податоци, пак, треба да ни овозможат во секој момент да имаме детален преглед на трендовите на криминалитетот за навремено и успешно да ги пресретнуваме. Криминалот на познава граници, а криминалните структури дејствуваат брзо и ги користат најнапредните технологии. Затоа, и нашиот одговор не смее да биде бавен, изолиран и заглавен во бирократски лавиринти. Светот се менува, а со него мора да се менува и начинот на кој правосудните, полициските и воопшто државните органи соработуваат" — рече Савески.
Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, рече дека дигитализацијата е клучна за зголемување на капацитетите, особено при следење на предистражните постапки. "Кога ние ќе поднесеме кривична пријава и кога обвинителството ќе подигне обвинителен акт или ќе ја отфрли таа пријава ние немаме доволно информации до каде е процесот, до каде е постапката, дали има судска постапка, дали е отфрлена кривичната пријава и ова е значаен исчекор во нашето информирање и во нашето следење на нашите кривилни пријави. Исто така добро е што се вмрежуваме со другите институции а и споделуваме информации и податоци кои ни се потребни со тоа го скратуваме и временото, ја подобруваме и ефикасноста и економичноста на нашата постапка. Мораме како институции да се спремаме за едно ново време, на нова ера на дигитализација каде што "папирологијата" ќе ја сведеме на минимум" — рече Ивановски.
На новинарско прашање тој додаде: "Се надевам дека ова ќе ги забрза и ќе ја подобри ефикасноста на судството затоа што јас и во претходните изјави кажав и сега пак ќе кажам, доколку немаме правосилни пресуди излегува дека ние залудно работиме и залудно вложуваме труд и трошиме енергија. Нашата цел е секоја наша пријава да заврши со правосилна судска пресуда."
Претставничката на Делегацијата на Европската Унија, Роберта Кортезе, оцени дека проектот е пример за партнерство кое носи „посилни институции, поблиска соработка меѓу институциите и конкретен напредок во областа на владеењето на правото“. "Во процесот на пристапување на Северна Македонија и другите земји кандидати, владеењето на правото е фундаментален приоритет. Напредокот во борбата против организираниот криминал и корупцијата се оценува не само преку законодавство и стратегии, туку пред сè, преку имплементација и одржливо досие на резултати" — рече Кортезе.
Кортезе посочи дека долгорочната вредност на LERMS ќе зависи од редовната употреба на системот, постојаните инвестиции во луѓето кои го управуваат и од волјата на институциите да ги користат информациите за водење реформи и постигнување мерливи резултати.
Фото: прес-материјал од настанот


