Почетна
Македонија

МВР: За пет дена 25 пријави за семејно насилство, 14 приведени

Министерството за внатрешни работи соопшти дека од 1 ноември до денеска постапувало по 25 пријави во 16 општини и привело 14 лица.

·Македонија
МВР: За пет дена 25 пријави за семејно насилство, 14 приведени

Министерството за внатрешни работи соопшти дека во периодот од 1 ноември до денеска, полициските службеници постапувале по 25 пријави за семејно насилство и насилство во партнерски и семејни односи на подрачјата на Скопје, Куманово, Кочани, Штип, Велес, Охрид, Гостивар, Кавадарци, Прилеп, Битола, Тетово, Берово, Струга, Кичево, Свети Николе и Струмица.

Во рамки на постапувањето по дел од случаите, полициските службеници лишиле од слобода и привеле 14 лица, поради сомнение за физички напади, упатување закани и други форми на насилно однесување кон членови на семејството и сегашни или поранешни партнери.

Што наведува МВР

"-Меѓу пријавените случаи има физички напади врз сопружници, поранешни партнери, родители, деца, браќа и сестри, како и случаи на психичко малтретирање, закани и вознемирување. Евидентирани се и случаи на непочитување на изречени заштитни мерки, како и непочитување на решенија на центрите за социјална работа во врска со остварувањето на видувања со малолетни деца. Во еден од случаите во Скопје, лице со остар предмет упатувало закани кон својата мајка, додека во друг случај во Тетово е пријавено следење и упатување закани од поранешен партнер, со што не биле почитувани изречените судски заштитни мерки - посочуваат од МВР."

Од МВР информираат дека пријавени се и случаи на физичко насилство врз малолетни лица, како и закани и насилно однесување во семејниот дом.

Министерството најавува дека по целосно документирање на случаите против инволвираните лица ќе бидат поднесени соодветни пријави и поднесоци. Полициските служби, како што велат, постапуваат по секоја пријава за семејно насилство и преземаат сите законски мерки за откривање и санкционирање на сторителите.

Оттаму апелираат до граѓаните да не молчат и навремено да пријавуваат каква било форма на семејно насилство, за да можат надлежните институции да реагираат навремено.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи