Шест приведени по пукањето на семејна веселба во Добридол
Министерството за внатрешни работи соопшти дека при претресите во Добридол е одземено оружје и муниција, по што следуваат пријави.

Шест лица се лишени од слобода, а едно е повикано на службен разговор по објавеното видео од семејна веселба во гостиварското село Добридол на кое се гледа како повеќе лица пукаат со оружје, соопшти Министерството за внатрешни работи по извршените претреси на повеќе локации.
Сите претреси биле спроведени во селото Добридол, при што, како што стои во соопштението, одземено е оружје и муниција. Случајот е покренат откако снимката од приватната прослава се појавила на социјалните мрежи.
Во рамки на акцијата, МВР наведува дека во 18:00 часот бил извршен претрес кај И.С. (21), а пет минути подоцна бил извршен претрес кај А.И. (30), при што бил пронајден и одземен еден гасен пиштол. Истовремено бил извршен претрес и кај И.Б. (25).
Во 18:15 часот полицијата извршила претрес во домот на Б.А., каде што биле пронајдени 30 куршуми за гасен пиштол; додека во дворот биле најдени 27 испукани чаури од гасен пиштол и еден патрон за ловно оружје.
„Од слобода се лишени Б.А. (46) и неговиот син М.А. (21) од Добридол. Во 18:25 часот извршен е претрес кај Т.М. (26), при што се пронајдени и одземени еден пиштол со осум куршуми, една ловна пушка со седум куршуми и еден гасен пиштол, по што тој е лишен од слобода, а С.М. е повикан на службен разговор“, информираат од МВР.
Министерството соопшти дека по целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни пријави против лицата опфатени во акцијата. Најавено е дека видеоснимката од настанот е објавена и на официјалните канали на МВР на социјалните мрежи.
Фото: прес-материјал од настанот