Стотици граѓани измамени во шема со криптовалути поврзана со битолчанка
Полицијата откри 56-годишна битолчанка и 38-годишен државјанин на Естонија кои, тврдат, управувале лажна платформа и измамиле стотици.

Стотици граѓани од Северна Македонија тврдат дека биле измамени откако вложиле пари во криптовалути преку лажна онлајн-платформа, наместо ветените добивки да добиле загуби. Полицијата идентификува две осомничени лица: 56-годишна битолчанка и 38-годишен државјанин на Естонија.
Од декември лани до април годинава, преку мобилна апликација и канал со неколку стотици претплатници, тие ги убедувале граѓаните да вложуваат пари, ветувајќи им добивки што никогаш не ги добиле.
Како беше откриена измамата
„До Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика доставени се пет пријави од оштетени граѓани, кои во наведениот период биле измамени, но согласно податоците од финансиските извештаи од трансакциската сметка на првопријавената, во измамата оштетени се стотици граѓани од државата, но повеќето од нив не го пријавиле случајот“, наведува Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР.
Полицијата дојде до осомничените по повеќемесечна истрага во која беа вклучени неколку домашни и странски институции и се разменуваа информации. На 56-годишната битолчанка ѝ е извршен информативен разговор, а од неа се одземени електронски уреди со кои комуницирала преку апликацијата. Форензичката анализа на податоците од уредите обезбеди докази за измамата.
Преку анализа на криптотрансакциите и со помош на меѓународни безбедносни платформи, добиени се и целосни податоци за сопственикот на криптопаричникот поврзан со шемата. За двајцата осомничени е поднесена кривична пријава за измама до Основното јавно обвинителство Битола.
Министерството за внатрешни работи предупредува дека ваквите измами се во пораст и апелира до граѓаните да бидат внимателни и да не веруваат во лесна и брза заработка преку интернет.
Емилија Мисирлиевски
Фото: прес-материјал од настанот


