Шпедитерот од Делчево: Ја носев црната ташна со 50.000 евра за Васе Анакиев
Сведокот рече дека парите биле побарани откако камионите на Манов биле задржани поради одредба за увоз на рефусно ѓубриво.

Денешниот сведок на судењето во предметот „Мито во гаража“, управителот и шпедитерот од Делчево Горанчо Стаменковски, изјави дека носел црна ташна со 50.000 евра која требало да ја предаде на тогашниот директор на Државниот инспекторат за земјоделие, Васе Анакиев. Парите, како што рече, биле побарани од фирмата Манов за да им се пуштат на граница камионите со рефусно ѓубриво.
Стаменковски објасни како дошло до задржување на камионите поради правна одредба за увоз на рефусно ѓубриво која наложувала пакување. „Јас бев царински застапник, шпедитер на фирмата ‘Манов’, многу години. Во однос на настанот, ми јавија вработените дека камионите на увозниците ‘Манов’ биле задржани зашто имало некоја забрана за увоз на рефусно ѓубриво по некој закон. Дека мора да било пакувано. Претходно немало вакви ситуации. ‘Манов’ увезуваат повеќе години вештачко ѓубриво во рефус, со камиони кипери. ‘Манов’ 20 години увезува во рефус. Сопствениците бараа состанок со директорот за да видат која е законската пречка и зошто е спречен увозот,“ рече сведокот.
Средба во Кочани, телефон и барање за кеш
Според неговото раскажување, сопствениците на Манов побарале да ја искористат неговата врска со Анакиев. „Потоа ме бараа мене. Ние се дружиме со браќата Манови и приватно и со оглед дека имаа информации оти се познавам со Анакиев уште пред да стане директор, ме замолија да прашам што е проблемот околу увозот. Јас го замолив Васе да се видиме. Истиот или наредниот ден, се сретнавме во Кочани во кафана. Се најдовме, ми рече дека има некоја одredба според која не може да се увезува. Јас прашав зошто досега се увезуваше, тој ми ја кажа одредбата. Го замолив за камионите што стојат на граница и не можат да се оцаринат,“ сведочеше Стаменковски.
На судот сведокот рече дека во еден момент директорот му побарал телефон: „Дај ми го телефонот.“ Кога се вратил, Методиј Манов му рекол: „Ми бара пари, 100.000 евра на две рати. Јас бев запрепстен.“ Неколку дена подоцна, Стаменковски рече дека примил црна ташна од Методиј и ја ставил во својот автомобил: „Му реков стави кај мене во колата што и да е, нејќам да гледам и не сакам да знам што е."
Тој опиша дека се нашле кај Џевахир, спуштиле во гаража поради паркинг и тогаш ги дочекала полицијата: „Немав време да му кажам, полицијата одма излезе во гаражата, за една минута.“ Сведокот додаде дека Анакиев „Не ја пипна" ташната и дека апсењето го потресло, што, според него, оставило траен негативен ефект врз неговото здравје и состојбата на семејството.
Адвокатот на обвинениот, Еленко Миланов, го праша дали лично им кажал на Мановите дека Анакиев бара пари; сведокот возврати: „Одговорив веќе дека лично преку мене не барале.“ На прашањето дали лично чул да бара пари на таа средба, сведокот кажа дека пораки биле испишани на неговиот телефон додека тој бил во тоалет, па не слушнал директно.
Обвинителката Искра Хаџивасилева упати уште неколку појаснувачки прашања, меѓу кои и дали бил притиснат од браќата Манови да носи пари во Скопје; сведокот потврди дека ташната била донесена три‑четири дена по тоа што Мето му рекол дека бараат пари. Судењето во предметот „Мито во гаража“ продолжува.
Фото: ДИЗ)


