Штип УГД го пречекува Орион Старс во историска вече
Македонскиот првак ќе го пречека холандскиот шампион во реванш натпревар од првата рунда на ЦЕВ Лигата на шампионите во СРЦ „Џексон“ во Штип.

Македонскиот првак Штип УГД попладнево (18 часот) ќе го пречека холандскиот шампион Орион Старс во реванш натпреварот од првата рунда од ЦЕВ Лигата на шампионите, во СРЦ „Џексон“ во Штип.
Холанѓаните како голем фаворит влегуваат во возвратниот дуел откако со максимален резултат пред една недела се радуваа пред своите навивачи, но домаќините веруваат дека ќе ги намалат разликите на свој терен.
" Орион Старс е еден сериозен противник, располага со квалитет, но и сериозен буџет. Резултатот во првиот меч донекаде е очекуван. Истовремено сметам дека и ние можевме да дадеме посилен отпор, што верувам дека ќе се случи сега, на домашен терен. Се надевам дека со подобра игра на приемот и на блокот ќе можеме подобро да му парираме на противникот и да покажеме заби" – вели репрезентативецот во редовите на Штип УГД, Стојче Арсов.
Прв од ваков ранг за градот под Исарот
Овој натпревар има и историско значење: клубот сезонава дебитира во најквалитетното европско клупско натпреварување, а за прв пат во Штип ќе се игра еден ваков „елитен“ дуел. Спортскиот центар „Џексон“ пред само месец дена се врати во полн сјај и денеска ќе биде домаќин на настан што клубот го опишува како пресвртница за градот.
" Ова е историска вечер! Прв натпревар во Штип и во СРЦ Џексон од овој калибар и зошто да не приредиме изненадување!? Потребна ни е поддршка од публиката, која ќе биде наш седми играч. Од друга страна не знам кога во иднина ќе имаат повторно шанса да бидат дел од еден дуел во Лигата на шампионите. Влегуваме одморени и подготвени, и покрај тоа што распоредот ни е густ поради настапот и во домашната лига. Со ладни глави, ветувам подобра игра и борбеност и ги повикувам сите на уште еден спектакл кој ќе го понуди нашиот колектив", вели капитенот на екипата, средниот блокер, Михајло Мирасчиев.
Клубот и одбојкарите нагласуваат дека ќе дадат се од себе за да го означат овој значаен миг во клупската и спортската историја на Штип. Влезот во СРЦ „Џексон“ ќе биде слободен за сите љубители на одбојката и поддржувачи на клубот.
Фото: прес-материјал од настанот


