Почетна
Свет

Силен пожар во централна Грција: над 6.500 хектари изгорени, уапсени две лица

Пожарот што избувна во Виотија се прошири во Атика; истрагата упати кон проблеми во приватната мрежа за пренос од ветерници

·Свет
Силен пожар во централна Грција: над 6.500 хектари изгорени, уапсени две лица

Пожарот што во петокот наутро избувна во областа Виотија во централна Грција се прошири и во соседната област Атика, а според метеоролошката служба Метео на Националната опсерваторија во Атина изгорена е површина од над 6.500 хектари.

Пожарот веќе трет ден е без контрола, има повеќе активни жаришта и засега погодени се и куќи; целокупната материјална и еколошка штета допрва ќе се проценува.

На терен интервенираат 496 пожарникари со 134 возила, меѓу кои и 23 пожарникари со четири возила од Франција и 23 пожарникари со четири возила од Романија, кои од почетокот на летово се во Грција во рамки на програмата што се спроведува преку Европскиот механизам за цивилна заштита.

Уапсени две лица по истрагата

По истрагата спроведена од Дирекцијата за истрага на кривични дела поврзани со подметнување пожари при Противпожарната служба на Грција уапсени се две лица. На местото каде што започнал пожарот бил извршен специјализиран увид, при што било утврдено дека во приватна мрежа за пренос на електрична енергија од ветерници до главната електроенергетска мрежа дошло до осцилација на проводниците што создало искри кои паднале на земја и го предизвикале пожарот, кој потоа се проширил од Виотија кон Атика.

Истрагата била насочена кон лицата одговорни за проектирањето, изградбата, надзорот и правилното функционирање на конкретната мрежа; како што беше соопштено, уапсен е електроинженерот кој ја потпишал проектната документација и вршел надзор над проектот, како и изведувачот задолжен за изградбата на мрежата за пренос на електрична енергија.

Според сателитските снимки обработени од метеоролошката служба на Националната опсерваторија во Атина, заклучно со вчера напладне во пожарот во областа Виотија изгореле околу 3.000 хектари, додека пак во пожарот во Порто Гермено во областа Атика огнената стихија зафатила површина од околу 3.570 хектари. Дополнително, активен е пожар и во југоисточниот дел на островот Кефалонија што избувна кусо по полноќ, при што преку бројот 112 беа испратени пораки за евакуација на неколку села во непосредна близина.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи