Почетна
Македонија

Сиљановска‑Давкова до студентите на УКИМ: Бидете критични и бунтовни, реизборот да зависи од вас

На отворањето на студиската 2026‑2027 година во кампусот на УКИМ претседателката ги повика студентите на критичко мислење и активно граѓанство.

·Македонија
Сиљановска‑Давкова до студентите на УКИМ: Бидете критични и бунтовни, реизборот да зависи од вас

Претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова им го одржа првиот академски час на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје по повод почетокот на новата студиска 2026‑2027 година и ги повика младите да бидат критични, бунтовни и да бараат систем во кој реизборот на професорите и политичарите ќе зависи од нив.

На бината беше најавена како првата жена претседател и како долгогодишна редовна професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Таа рече дека секое враќање во кампусот ѝ дава необична младешка енергија и дека најубавиот дел од животот го поврзува со универзитетот.

Покажувајќи кон зградата на Филозофскиот факултет, Сиљановска‑Давкова истакна дека без филозофија нема принципи и вредности, а со означување кон Економскиот факултет потенцираше дека напредокот и развојот се предуслов за движење напред. Таа упати честитки до ректорката на УКИМ, до министерката за образование и наука и до студентските лидерки.

Наука, вештачка интелигенција и одговорност

Претседателката ги спомна неодамнешното доделување на највисоката државна награда на светски познатата хемичарка и научничка Светлана Мојсов и пренесе дел од разговорот по тој повод: „Знаете што ми кажа утрото кога дојде од Охрид на 47. издание на хемичарите и технолозите. Вели, доручекот го одбележа разгворот со еден млад студен по хемија – трета година. Прашањата што ми ги постави беа толку стручни што се вчудоневидив, кометарите што ми ги даваше беа исто така вистинско научно вознемирување. И што заклучи Светлана замислете, научничката која беше во три тимови коишто добија Нобелова награда за хемија и медицина, дека оваа земја со вакви умови сигурно треба да влијае на сегашноста и да ја одреди иднината“, рече Сиљановска‑Давкова.

Во обраќањето таа го цитираше мислењето на американскиот автор Вилијам Фокнер за важноста на спротивставувањето на неправдата и предупреди за можните последици од вештачката интелигенција. „Ќе речете па ние сме ученици од еден клас, што можеме да сториме. Ако во сите класови каде што овде предавам, истото се случи ќе живееме во поинаков свет, рекол Фокнер. Јас верувам дека времето на профитот на заминува, доаѓа време кога ќе зборуваме за софократија, за умот, но не заборавајте едно нешто што јас како млада го видов. Кога во филмот 'Протеус' роботот толку многу се хуманизираше, под наводници, што реши да го уништи својот творец“, рече претседателката.

Таа посочи дека во користење на вештачката интелигенција претходно треба да постои природна интелигенција и дека УКИМ треба да биде предводник во промените не само поради својата возраст или историска улога, туку поради конкретните достигнувања и амбиции.

За улогата на меѓународните организации Сиљановска‑Давкова порача: „Обедионетите нации настанаа како мировен проект, а ни се случува војна. Гледам многу девојки овде и не можам, а да не кажам дека 80 години Обединетите нации ги водеа мажи, водени од богот (на војната) Марс. Време е за жена генерална секретарка на Обединетите нации која ќе почне нова ера со маслинка враце и водена од Венера, а не од Марс“.

Во завршната порака таа ги охрабри студентите да ги бараат своите права и да го играат својот дел: „Не заборавајте дека колку повеќе знаете толку поконструктивни ќе бидете, толку потолерантни ќе бидете, толку повеќе разбирање ќе имате за другите, а не само за себе. Вреди да се учи, нема поголема инвестиција од тоа, вреди да се другарува со професорите, вреди да се критикуваат професорите, вреди да се менува светот, вреди да се студира на УКИМ“, порача Сиљановска‑Давкова.

На отворањето беа најавени и подобри студиски услови и нови категории стипендии, а лидерот на ВМРО‑ДПМНЕ Христијан Мицкоски испрати порака до бруцошите од Штип да се вратат и да се борат за Македонија.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи