Сиљановска‑Давкова: Држава се гради со функционални институции и заштита на човековите права
На панел посветен на 8 Септември, таа нагласи дека демократијата бара долгорочна изградба и ја потенцираше улогата на АСНОМ.

Претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова порача дека државата не се гради само преку избори, туку со функционирачки институции, заштита на човековите права и почитување на највисоките домашни и меѓународни стандарди. Изјавата ја даде на панелот „8 Септември низ призма на неговите непосредни учесници и сведоци“, на кој беа присутни поранешни пратеници, министри и други јавни личности.
Во воведното обраќање таа ја спомена историската тежина на АСНОМ и улогата на првите државници во деведесеттите. „Асномскиот завет кој вели-каква држава ќе создадеме, таква држава ќе имаме. По мое мислење, умерените и умни лидери во деведесетите години биле Глигоров, Стојан Андов, Никола Кљусев, Петар Гошев, Абдураман Алити … кои успеаја од тој вртлог на војна со своето знаење и мудрост, но и државничкиот однос на еден умерен начин да исчекорат, и тоа е многу важно“, рече таа на панел-дискусијата по повод „8 Септември“.
Во продолжение таа подвлече дека време и постојан напор се потребни за да се изгради функционална демократија: „Според еден научник, може за шест дена да скицирате устав, може за шест месеци да зацртате либерална економија, ама ви требаат шеесет години за изградите функционална демократија. Таа не се гради само со демократските избори и со конституирање на институциите, туку со градење на функционални институции, со одбрана и заштита на човековите права и со почитување на највисоките стандарди, не само на домашното, туку и на меѓународното право“, рече претседателката на дискусијата.
Реакции и сеќавања од панелот
Поранешниот пратеник Ламбе Арнаудов оцени дека во првите денови од независноста голема улога одиграла политичката свест на тогашните пратеници, и потсети дека уште во првите денови била донесена Декларацијата за независност.
Поранешниот пратеник Насер Зибери посочи дека во тој период имало недостаток и од права и од лојалност, но нагласи дека претставниците на Албанците биле меѓу првите што се залагале за независност и сакале јасна уставно-правна рамка за активно учество во градењето на државата.
Поранешниот пратеник и министер за правда Туше Гошев порача дека државата е создадена од големата желба на една генерација да има самостојна и независна држава во која сите граѓани ќе бидат рамноправни. За поранешниот пратеник, министер и гувернер на Народната банка Петар Гошев, АСНОМ е темелот на македонската државност и не треба да се релативизира историјата или да се рехабилитираат соработници на фашизмот, туку да се почитува антифашистичката борба и историското наследство.
Фото: МИА


