Сипаниците уништија 7.000–10.000 овци, сточарите бараат вакцина додека АХВ чека од Турција
Сточарите протестираа пред Владата и бараат итна набавка на вакцини додека заразата се шири низ десетици стада.

Сипаниците уништија меѓу 7.000 и 10.000 грла овци, а сточарите бараат надлежните што поскору да набават соодветна вакцина. Денеска пред Владата во Скопје група сточари протестираше и побара побрзи мерки, откако повеќе од еден месец трае договарање за решенија додека секојдневно се уништуваат цели стада.
Сточарите предупредуваат на социјален и економски колапс
„Досега имаме над 50 жаришта, имаме околу 40-50 уништени стада и околу 40 фамилии останаа без леб, на улица остануваат, немаат со што да се занимаваат. Тука позади мене се и голем број од тие чии стада се уништени и бараме што побргу да ги обештетат тие луѓе“, вели Насер Џемаили – претседател на Сојуз на одгледувачи на овци.
Членовите на Сојузот опишуваат голема емоционална и материјална штета врз семејствата кои зависат од овците. „Да станеш ти сабајле од спиење и да гледаш цело стадо ти е болно што живееш од тие и да не знаеш што да правиш, тоа е нешто жално. Ние живееме од тие овци. Да речеме јас, ние од мајка ми, од татко ми, до сега сме со тие овци. И сега решението да биде да ни ги убијат?! За нас тоа не е решение. Тоа е катастрофа за нас. Решение ни нудат нас дека ќе ни се убијат овците. Па ние од тие овци живееме цела фамилија. Што ќе правиме ние? И да ни ги обештетат за срамотни 100 денари по кило“, вели Елмис Зекир – член на УО на Сојуз на одгледувачи на овци.
Сојузот ја доведува во прашање официјалната невремност за масовна вакцинација, велејќи дека единствениот аргумент против е стравот од можни забрани за извоз од ЕУ. „Единствениот аргумент зошто да не ги вакцинираме додека се борат со спречување на болеста е од причина што можеби ЕУ ќе ни даде забрана за извоз. Меѓутоа, ни тука нема официјални податоци дали ќе ни даде, колку забрана ќе ни даде зашто реално ниту месото од болеста е штетно по луѓето, ниту месото после вакцинација“, вели Милена Величковиќ – член на УО на Сојуз на одгледувачи на овци.
Надлежните тврдат дека секојдневно ја следат состојбата и очекуваат експертска поддршка од ЕУ. Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека побарале вакцини и од ЕУ и од Турција. „Ние веќе пративме допис уште претходнава недела, во соработка со турската амбасада, дека една од вакцините коишто е безбедна и одговара — очекуваме 500.000 вакцини да бидат стигнати“, кажа Оливер Миланов, директор на А генцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Сојузот алармира дека дел од сточарите веќе самостојно набавуваат и вакцинираат со непроверени препарати, што носи дополнителна опасност. Министерството за земјоделство ги предупреди сточарите да не набавуваат и не ставаат вакцини без одобрение на АХВ и најави санкции. „ Во таков случај, сопственикот нема да има право на компензација за заболените животни, ниту на обесштетување за животните одземени заради сузбивање и искоренување на болеста. В акцинирањето може да го вршат единствено овластени ветеринарни служби, според официјален план и под непосреден надзор на АХВ “, велат од Министерството за земјоделство.
Сточниот фонд во земјава се намалува веќе неколку децении; според Државниот завод за статистика, лани во земјата биле одгледувани околу 470.000 овци, но сточарите тврдат дека вистинскиот број е многу помал.
Фото: прес-материјал од настанот