Почетна
Свет

Сирија и Израел одржале разговори во Јордан со посредство на САД за намалување на тензиите

Разговорите во Јордан, со посредство на САД, бараа механизми за запирање на израелските напади и обновување преговори за безбедносен договор.

·Свет
Сирија и Израел одржале разговори во Јордан со посредство на САД за намалување на тензиите

Сирија и Израел синоќа во Јордан одржале разговори со посредство на Соединетите Американски Држави, насочени кон намалување на тензиите по неодамнешните израелски напади врз сириска територија.

Разговорите, кои биле координирани со Вашингтон, имале за цел воспоставување практични механизми за запирање на израелските напади, апсења и целни операции, како и повторно започнување на преговорите за безбедносен договор што би можел да послужи како основа за поширок договор во иднина.

Клучни прашања и црвени линии

Сирискиот министер за надворешни работи, Асад ал Шајбани, изјавил дека Дамаск очекува безбедносните преговори со Израел наскоро да продолжат, иако меѓу двете страни сè уште нема доверба. Тој рече дека двете страни на почетокот на годинава на хартија постигнале договор за "речиси сè", вклучително и воспоставување безбедносни зони во јужна Сирија и тампон-зона во која би биле присутни само сили на Обединетите нации, но Дамаск се сомнева во подготвеноста на Израел да го спроведе договорот.

На состанокот од сириска страна било истакнато дека непосредни приоритети остануваат израелското повлекување на позициите пред соборувањето на Башар ал Асад на 8 декември 2024 година, како и целосното обновување на Договорот за раздвојување на силите од 1974 година. Дамаск, исто така, му порачал на израелскиот преговарачки тим дека нема да прифати аранжмани со кои би се ограничило неговото право да ги обнови и развива вооружените сили или самостојно да ги определува своите сојузништва и партнерства.

Во текот на разговорите двете страни се осврнале и на потребата од намалување на тензиите меѓу Израел и Турција и спречување нивното меѓусебно ривалство да се прелее на сириска територија. Сириските извори посочуваат дека контаките биле прекинати по минатонеделните израелски напади врз сириската воздухопловна база „Абу ал Духур“.

Сирија и Израел формално се во воена состојба од 1948 година. Израел ја зазел Голанската Висорамнина во Шестдневната војна во 1967 година и подоцна ја анексирал; анексијата беше признаена од САД, но не и од поголемиот дел од меѓународната заедница.

Фото: EPA/ATEF SAFADI

Поврзани написи