Скопјанец казнет со 550 евра за фрлање мачиња
Агенцијата за храна и ветеринарство ја изрече првата казна за напуштање новородени животни откако граѓанин пријавил со фотографии и снимки.

Скопјанец е казнет со 550 евра откако оставил легло со новородени мачиња во парк во близина на трговски центар, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Случајот бил документиран и пријавен од граѓанин кој доставил фотографии и видеоснимки од напуштањето на животните.
Материјалите со пријавата биле предадени до ЈП „Лајка“, по што случајот бил проследен до АХВ. Официјален ветеринар од АХВ извршил вонредна инспекциска контрола вчера на местото каде што биле оставени мачињата.
Утврдување на идентитетот на сторителот
За да се утврди кој го сторил прекршокот, инспекторите обезбедиле податоци поврзани со регистрацијата на возилото, а Министерството за внатрешни работи го помогнало постапувањето со информации кои овозможиле да се идентификува лицето преку табличките на возилото.
На скопјанецот му е изречена глоба од 550 евра во денарска противвредност, согласно член 26 од Законот за заштита и благосостојба на животните и член 59 од Законот за ветеринарно здравство.
АХВ потсетува дека е особено важно граѓаните да пријавуваат напуштање животни и, доколку е можно, да достават фотографии, видеоснимки или други докази. Напуштањето животни може да се пријави 24 часа на бесплатната телефонска линија 0800 3 2222 или преку електронска пошта.
Според надлежните, брзата реакција на граѓанинот и доставената документација биле пресудни за откривање на сторителот и изрекување на санкцијата.
Фото: abcrumley / Flickr / Wikimedia Commons / CC2.0