Скопското Кале се обновува — два музеја ќе отворат следната година
Музејот на праисторијата и Музејот на османлискиот период ќе го изложат материјалот од ископувањата 2007–2016 и ќе бидат дел од програмата за 2028.

Скопското Кале се обновува и ќе добие нови содржини: два музејски објекти — Музеј на праисторијата и Музеј на османлискиот период — се речиси завршени и по опремувањето ќе бидат отворени следната година како дел од програмата на „Скопје – Европска престолнина на културата“ 2028.
Завршни градежни работи, започнува уредување на ентериерите
За време на увидот на терен, премиерот Христијан Мицкоски заедно со владин тим и претставници на надлежните институции направија увид во градежните активности на тврдината. Според најавите, обете адаптирани згради се завршуваат и наскоро ќе следува поставување на изложбените поставки и финално ентериерно уредување.
Во новите простории ќе бидат изложени предмети пронајдени при археолошките истражувања на Калето во периодот од 2007 до 2016 година, при што концептот ќе се заснова на современи музеолошки принципи — интерактивност, наративност и мултимедијален пристап.
Премиерот Мицкоски рече дека Владата ќе им пружи финансиска и логистичка поддршка на институциите вклучени во ревитализацијата и изрази очекување дека Калето ќе добие подобар изглед и функционалност.
„Очекувам кога сето ова ќе биде завршено да имаме еден исклучително квалитетен објект во Скопје којшто ќе претставува една од исклучително ретките и важни туристички атракции во градот. Знаеме дека Калето има повеќе можности и ние како Влада ќе застанеме зад институциите и финансиски и логистички да скопското Кале го добие оној лик којшто го заслужува и да биде дел од „Скопје – Европска престолнина на културата“,
тој изјави по увидот, додавајќи дека очекува граѓаните да бидат изненадени од материјалот кој е пронајден и ќе биде изложен. „Зборувам не само за скопјани, туку и за светот“, рече Мицкоски.
Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство (УЗКН), посочи дека при капиталните истражувања на Калето од 2007 година биле откриени над 5 000 предмети и дека од 2017 до 2024 година тие се чувале во супстандардни услови на тврдината.
„Управата за заштита на културното наследство како инвеститор на овие два објекта поднесе информација до Владата и успеа да обезбеди средства од 8 милиони денари и формираше работна група која изработи предлог-пресметка, врз чија основа се распиша тендер за тековно одржување, адаптација и санација на Праисторискиот музеј и на Музејот на осмалискиот период. За изведувач беше избрана компанијата „Нет инвест“ од Теарце и за неполна година објектите се веќе завршени. Седум години тие беа оставени на забот на времето“,
истакна Честоева.
Таа додаде дека во завршна фаза е носење одлука за прогласување на Скопската тврдина — Кале за културно наследство од особено значење, поткатегорија: големо значење, со која надлежностите ќе бидат поделени меѓу Град Скопје и Археолошкиот музеј. Археолошкиот музеј ќе стопанисува со двата музејски објекта и ќе ги уреди ентериерите, така што музеите ќе станат дел од понудата за „Скопје – Европска престолнина на културата“.
Магдалена Манаскова, директорка на Археолошкиот музеј на Македонија, рече дека музејот ќе ја продолжи работата каде што застанала Управата и од вторник ќе почне со ентериерно уредување и подготовки за отворање. „Завршени се градежните работи и со одлука на Владата Археолошкиот музеј ги доби предметите прибавени при археолошките истражувања на Кале и во моментот работи на концептот што ќе биде презентирано во Музејот на праисторијата и во Музејот на осмалнискиот период. Идеен автор на концептот на двата музеја е долгогодишниот истражувач и раководител на археолошките истражувања на Скопската тврдина, проф. д-р Драги Митревски, автор на дизајнот на поставката е проф. д-р Јован Ивановски. Го креиравме и визуелниот идентитет на музеите, чиј идеен автор е проф. д-р Гордана Вренцовска“,
рече Манаскова.
Фото: Влада на Република Северна Македонија


