Почетна
Македонија

Следната година ќе бидат отворени Музејот на праисторијата и Музејот на османлискиот период на скопското Кале

Праисториски и османлиски музеј ќе ги изложат над 5.000 предмети; Археолошкиот музеј ќе ги уредува и ќе ги вклучи во програмата за 2028.

·Македонија
Следната година ќе бидат отворени Музејот на праисторијата и Музејот на османлискиот период на скопското Кале

Следната година ќе бидат ставени во функција Музејот на праисторијата и Музејот на османлискиот период на скопското Кале, каде што ќе бидат изложени предмети пронајдени при капиталните археолошки истражувања реализирани во периодот 2007–2016. Поставките ќе бидат дизајнирани според современи музеолошки принципи — со интерактивни елементи, наративен пристап и мултимедијални содржини.

Комисија составена од вработени кустоси во музејот, кустоси од Музејот на Град Скопје и вработени од Управата за заштита на културното наследство работеше на ревизија на материјалот за да се направи селекција на предмети за изложба.

Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, посочи дека при капиталните истражувања на Калето биле откриени над 5.000 предмети и опиша како во проектот бил обезбеден финансиски и организациски капацитет.

„За жал, од 2017 до 2024 година овие предмети се чуваа во супстандардни услови овде, на Кале. Со доаѓањето на новата влада во 2024, Управата за заштита на културното наследство како инвеститор на овие два објекта поднесе информација до Владата и успеа да обезбеди средства од осум милиони денари и формираше работна група, која изработи предлог-пресметка, врз чија основа се распиша тендер за тековно одржување, адаптација и санација на Праисторискиот музеј и на Музејот на османлискиот период. За изведувач беше избрана компанијата ‘Нет инвест‘ од Теарце и за неполна година објектите се веќе завршени. Седум години  тие беа оставени на забот на времето“, изјави Честоева.

Статус и управување

Во завршна фаза е носењето одлука на Владата за прогласување на скопската тврдина Кале за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење. Со таа одлука надлежностите ќе се поделат помеѓу Археолошкиот музеј и Град Скопје — Археолошкиот музеј ќе стопанисува со двата музејски објекта и ќе ги уреди ентериерите, а објектите ќе станат дел од културната понуда на Скопје предвидена за Европската престолнина на културата во 2028.

Честоева додаде дека Управата ја завршува работата на Кале и ќе се пресели на Плаошник за да се стави во функција и тој дел од наследството кој со години бил занемарен.

Директорката на Археолошкиот музеј, Магдалена Манаскова, рече дека институцијата ќе продолжи со работата каде што застана УЗКН и дека тимот од вторник ќе започне со ентериерно уредување и подготовки за отворање.

„Завршени се градежните работи и со одлука на Владата, Археолошкиот музеј ги доби предметите прибавени при археолошките истражувања на Кале и во моментот работи на концептот што ќе биде презентирано во Музејот на праисторијата и во Музејот на османлискиот период. Идеен автор на концептот на двата музеја е долгогодишниот истражувач и раководител на археолошките истражувања на Скопската тврдина, проф. д-р Драги Митревски, а автор на дизајнот на поставката е проф. д-р Јован Ивановски. Го креиравме и визуелниот идентитет на музеите, чиј идеен автор е проф. д-р Гордана Вренцовска“, изјави Манаскова.

Фото: К. Попов)

Поврзани написи