Почетна
Македонија

Слепите бараат законско признавање на факсимилот и подобра пристапност

На одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап во Собранието, Националниот сојуз на слепите ги постави приоритетите за унапредување на правата и самостојноста.

·Македонија
Слепите бараат законско признавање на факсимилот и подобра пристапност

На одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап во Собранието, Кети Петреска, претставничка на Националниот сојуз на слепите лица во Македонија, ги изнесе главните барања со цел да се зајакнат правата и самостојноста на слепите и слабовидните лица.

Клучни барања

Обраќајќи се пред членовите на интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост, пратениците и претставниците на извршната власт, Петреска рече дека и покрај повеќедецениското постоење на Сојузот, состојбата на слепите лица во државата сè уште е далеку од стандардите предвидени со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

Како приоритeти таа ги посочи воведувањето на факсимилот како законски признат начин на потпишување за слепите лица, подобрување на пристапноста во јавниот простор и превозот, унапредување на личната асистенција и зголемување на додатокот за попреченост, поголема дигитална пристапност и ратификација на Марокешкиот договор.

  • Воведување на факсимил како законски признат начин за потпишување.
  • Поставување тактилни патеки, обезбедување безбедни пешачки премини и достапен јавен превоз.
  • Јасно разграничување на личната асистенција од нега и поедноставување на пристапот до белиот стап и другите помагала преку Фондот за здравствено осигурување.
  • Дигиталната пристапност да стане правило и воспоставување фонд за асистивна технологија и дигитална опрема.
  • Ратификација на Марокешкиот договор и модернизација на библиотеката за слепи лица по европски стандарди.
  • Пристапни образовни материјали, Брајово писмо, рехабилитација и поддршка за слепо-глувите лица.

- Белиот стап е симбол на достоинството и средство за движење, но доколку нема соодветни услови во средината, неговата функција е ограничена - истакна таа.

- Бараме доследна примена на стандардите за дигитална пристапност и воспоставување фонд за асистивна технологија и дигитална опрема - порача претставничката на Републичкиот сојуз.

Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски рече дека реформата во системот на процена на попреченоста треба да ја надмине исклучиво медицинската дијагноза и да ги земе предвид функционирањето, влијанието на средината и потребната поддршка. Тој истакна дека Министерството континуирано работи на унапредување на системот на социјална заштита и развој на социјални услуги кои овозможуваат поголема самостојност и вклученост.

- Нашиот пристап се темели на принципите дека поддршката треба да биде достапна, навремена и соодветна на индивидуалните потреби. Правата утврдени со законската рамка треба да се преточат во конкретни можности за поголема самостојност, социјална вклученост и достоинствен живот на лицата со попреченост - рече Велковски.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, порача дека искуствата и предлозите на лицата со попреченост мора да бидат дел од креирањето на политиките, додека институциите треба да создаваат услови за поголема самостојност на слепите и слабовидните лица преку соработка со нивните организации и експерти.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи