Почетна
Македонија

Слепите лица од Битола бараат да го задржат ресурсниот центар во „Коле Лачето“

Здружението вели дека го уреди просторот од нула и побара од Општината да им овозможи да останат по известувањето од 25 февруари 2026.

·Македонија
Слепите лица од Битола бараат да го задржат ресурсниот центар во „Коле Лачето“

Здружението на слабовидни и слепи лица од Битола бара од Општината да им биде дозволено да останат во просториите на урбаната заедница „Коле Лачето“, кои им беа дадени на користење без надомест во 2018 година и кои со домашни и странски донации ги претворија во Регионален ресурсен центар за слепи лица.

Претставници на здружението учествуваа на последната седница на Советот на Општина Битола, на која на дневен ред беше точка за давање деловен простор на петгодишно користење во истата урбана заедница на Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби, подружница 2 Битола.

Во писмото што Здружението го добило на 25 февруари 2026 година пишува дека престанува нивното право на времено користење на објектот и дека се должни во рок од 10 дена од приемот на известувањето објектот, заедно со целокупната затекната опрема, да го предадат на Општината со регулирани режиски трошоци. Писмото додава дека просторот ќе биде реорганизиран од страна на Општината и дека здружението ќе може да го користи под други услови и правила што ќе бидат утврдени во следниот период.

Советот вети дека нема да иселува, туку ќе дели простор

На седницата советниците изразија став дека нема да ги иселат членовите на здружението, туку дека предметниот објект планираат да го користат заеднички со Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби.

„Имаме известување дека треба да го предадеме центарот. Ние треба да се иселиме од таму. Како невладино-непартиска организација не сме против никој од Советот и Општината, ни излегувале постојано во пресрет, така и сега сакаме да ни излезат. Тоа ни е место за дружба, лаф-муабет, да размениме мислења. Меѓу нас има и 100 проценти слепи лица, па учеа да читаат Брајово писмо, играме шах, имаме шаховски клуб ‘4 Ноември’. Местото го направивме од нула, во распаѓање беше таа Mесна за заедница. Се опреми за наши потреби со кујна, тоалет, рампа за влегување на слепи лица. И зачудувачки од каде вака дојде ова сега. Нам не ни сметаат ни другите здруженија“, вели Драгче Брдаровски, претседател на Здружението на слабовидни и слепи лица на Општина Битола.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи