Почетна
Македонија

Снег на планините над 1.500 м и заладување со силен северен ветер

Влажен и ладен воздушен бран ќе донесе дожд по низините и повремени снежни врнежи над 1.500 м, со засилени ветрови до над 60 км/ч.

·Македонија
Снег на планините над 1.500 м и заладување со силен северен ветер

Под влијание на влажен и ладен воздушен бран од север, Македонија ќе почувствува значително опаѓање на температурите и враќање на врнежите, при што во ниските предели ќе има дожд, а на планините над 1.500 метри повремено ќе врне снег, соопшти метеорологот Славчо Попоски.

Кога и каде

Попоски предупреди дека првиот налет ќе пристигне веќе во вторник, 13 октомври, а посилен бран се очекува за време на викендот, особено во сабота, 17 октомври. Локално ќе има дожд со умерен интензитет, додека на повисоките предели над 1.500 метри ќе има повремени снежни врнежи и се очекува формирање снежна покривка од 5 до 10 сантиметри.

„Повремено ќе дува засилен до силен ветер од северен и од северозападен правец кој особено во Повардарието повремено ќе достигнува брзина од над 60 км/час,“ рече Попоски. Тој додаде дека и во Скопје и во околината ќе има повремен дожд и повремено засилен до силен северен и северозападен ветер кој во делови од регионот и од котлината може да надмине 60 км/час.

Дневните температури ќе бидат значително пониски, а и минималните утрински температури ќе опаднат. Поради облачноста, на повеќето ниски предели тие нема да паднат под нулата, со исклучок на високите планини (над 1.500/1.600 метри) каде температурите ќе се спуштат под нулата.

Во текот на периодот на повеќето места дневните максимални ќе бидат до околу, па и под 15 степени, додека во Повардарието, Скопската котлина и југоисточните предели ќе се искачуваат до близу 20 степени, локално и повремено малку над 20 степени.

„Се на се, вистинската есен ни е тука, а ни доаѓа и снегот на планините над 1500 метри надморска височина, што е многу нормална појава за овој период од годината“, потенцира Попоски.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи