Почетна
Македонија

Со месеци се бележат паркинзите во Ново Лисиче — сè уште нема датум за почеток на зонското

Градските служби велат дека обележувањата се во завршна фаза, но почетокот на зонското во Ново Лисиче, Реонски Центар и Автокоманда останува неизвесен.

·Македонија
Со месеци се бележат паркинзите во Ново Лисиче — сè уште нема датум за почеток на зонското

Со месеци се вршат хоризонтални и вертикални обележувања на паркинзите во Ново Лисиче и Реонски Центар, но граѓаните сè уште немаат точен датум кога ќе стартува зонското паркирање. Одговорните служби велат дека работите се во завршна фаза, но активирањето на системот останува непознато.

Одложувања, протести и ветување за паралелна применa

Иницијативата за воведување зонско паркирање во Реонски Центар наиде на остри реакции од дел од жителите, особено од Ново Лисиче. По притисокот, Градското претпријатие „Градски паркинг“ и Град Скопје го пролонгираа планираниот старт за 1.04.2026 и најавија дека примената треба да се направи истовремено во двата делови од општината Аеродром, за да не дојде до прелевање на проблемите со паркирањето.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека го слуша и го почитува барањето на граѓаните, а беше пренесена и следната насока: "Дадена е насока до директорот на ЈП „Градски паркинг“, во општина Аеродром, во Реонски Центар каде што се воведува зоната Д12, останува да важи старото правило: секој резидент – физички и правни лица, ќе може да се паркира на сите зони на територијата на општината без да плаќа надоместок, како што беше најавено претходно. И ова правило останува да важи за цел Аеродром."

Општинската администрација во Аеродром објаснува дека обележувањето на паркинг-местата го изведува ЈП „Улици и патишта“ според договор за меѓуопштинска соработка, додека експлоатацијата и управувањето со зоните ќе ги преземе ЈП „Градски паркинг“ – Скопје по завршување на поставувањето на целокупната сигнализација и по добивање на согласност од СВР Скопје.

Ситуацијата во Автокоманда од друга страна оди побавно: иако градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, во август минатата година кажа дека проектот за зонско паркирање е одобрен, досега нема видливи обележувања ниту поставени информативни табли. Градот велат дека ја контактирале Општина Гази Баба и добиле одговор дека е во тек постапката за обележување и поставување на знаци.

Од Град Скопје не дадоа конкретен рок кога точно ќе се воведе новиот сообраќаен режим во наведените населби, но повторија дека ценовникот за Аеродром нема да се менува и дека резидентите кои се наоѓаат во постојната „Д“ зона ќе можат да паркираат бесплатно по две возила.

Фото: Град Скопје

Поврзани написи