Почетна
Македонија

Со средства од ЕУ набавени амбулантни возила, дефибрилатори и ЕКГ‑апарати за Југоистокот

Проектот „Прекугранична област, безбедна за срцето“ донесе опрема и обуки за итна медицинска помош во Југоистокот, во вкупна вредност од 1.217.000 евра.

·Македонија
Со средства од ЕУ набавени амбулантни возила, дефибрилатори и ЕКГ‑апарати за Југоистокот

Со средства од ЕУ, во рамките на проектот „Прекугранична област, безбедна за срцето“, во Југоисточниот регион се набавени и распределени четири амбулантни возила, 24 автоматски и полуавтоматски дефибрилатори и шест ЕКГ‑апарати. Вкупната вредност на проектот изнесува 1.217.000 евра, од кои ЕУ додели 973 илјади евра; на македонска страна се потрошени околу пола милион евра.

Амбулантни возила беа доделени на Службите за итна медицинска помош во Струмица, Гевгелија, Радовиш и Валандово. Дефибрилатори и ЕКГ‑апарати се распоредени и во општините Василево, Босилово, Богданци и Конче, како и на граничните премини Богородица и Дојран кон Грција и на Ново Село кон Бугарија.

Опрема и обуки за побрза и поефикасна итна реакција

„Проектот има за цел подобрување на итната медицинска помош и зајакнување на здравствените капацитети во прекуграничниот регион. Истиот треба да придонесе за создавање побезбедна и поотпорна прекугранична заедница со подобрени капацитети за навремено и ефикасно справување со срцеви и други итни медицински состојби. Кога зборуваме за итна медицинска помош, секоја секунда е важна и навремената реакција може да спаси човечки живот. Со оваа опрема се подобруваат капацитетите и се овозможува побрз пристап при итни медицински случаи во Југоистокот“, вели Јован Коцев, директор на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Здравствениот дом Струмица, кој ги покрива четирите општини со околу 70 населени места и 100 илјади жители, доби едно амбулантно возило со потребната медицинска опрема за службата за итна медицинска помош во Струмица и дисперзираното одделение во Ново Село, четири автоматски дефибрилатори AED кои можат да ги користат и немедицински лица, два полуавтоматски дефибрилатори и два ЕКГ‑апарати.

„Наши здравствени работници беа на обука овде и во болницата ‘Ахепа‘ во Солун, каде што стекнаа дополнителни знаења и вештини за препознавање и соодветно постапување при итни и животозагрозувачки состојби, со примена на техники за реанимација. Значи, освен опрема, добивме и обучен кадар, сè со цел да пружиме поквалитетна здравствена заштита. Посебен акцент е ставен на тоа што ќе има и дефибрилатори на пофреквентни позиции, што му недостасуваше на регионот“, вели Кирил Манчев, директор на Здравствениот дом Струмица.

Покрај здравствените работници, во обуките беа вклучени и граѓани и вработени во јавни институции, а дел од учесниците усвоија и техники за препознавање и навремено запирање на масивно крвавење. Во активностите беа вклучени и две лица од Општина Босилово. „Го поздравувам проектот, бидејќи автоматски дефибрилатор ќе има и во општинската зграда во Босилово, каде што ќе имаме и обучени лица за препознавање и пружање прва помош, односно реанимација. Целта е да се интервенира навремено и да се спаси човечки живот. Таа мрежа со дефибрилатори треба да се развива“, вели Ристо Манчев, градоначалник на Босилово.

Во следниот период ќе се организира работилница за обучувачи на која 25 лица од Југоистокот ќе добијат сертификати за држење обуки за користење автоматски дефибрилатори во институции, поголеми работни организации, на гранични премини, во спортски сали и на стадиони. По завршувањето на проектот, опремата што се користеше при обуките ќе ја добие Црвениот крст во Струмица.

На македонска страна проектот го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, додека на грчката страна учествуваат Општата болница AHEPA во Солун и Здружението за итна предболничка нега на Грција.

В. ТРАЈКОВ

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи