Почетна
Македонија

Врховниот суд ќе одлучува за трајното одземање возила по февруарските измени на КЗ

Апелациските судови и Врховниот суд ќе дискутираат во декември за неусогласена пракса по февруарските измени на Кривичниот законик.

·Македонија
Врховниот суд ќе одлучува за трајното одземање возила по февруарските измени на КЗ

Врховниот суд, на заедничка средба со сите четири апелациони судови во декември, ќе ги разгледува дилемите околу трајното одземање моторни возила по февруарските измени на Кривичниот законик. Целта е уедначување на судската пракса која во изминатите месеци се покажува како неусогласена.

Пресудите кои беа разгледани прикажуваат различни решенија и во случаи со слични факти — првенствено за управување без возачка дозвола. Основен суд во Тетово во еден предмет досудил конфискација, а во друг по идентичен настан одлучил да не го одземе возилото. Апелациониот суд во Гостивар ја преиначил втората пресуда и трајно го одзел возилото, со образложение дека првостепениот суд погрешил.

Во пресудата на гостиварската апелација се наведува: "Првостепениот суд погрешно постапил кога го одбил предлогот на обвинителството за одземање на предметите кои според законот треба да бидат одземени, бидејќи во одредбата од член 300-б од КЗ предвидено е задолжително одземање",.

Различни практики кај обвинителствата и судовите

Кривичниот суд во Скопје, пак, постапил поинаку и не го одзел возилото по предлог за казнен налог од скопското обвинителство. Апелациите укажуваат дека главната дилема е почитувањето на принципот на пропорционалност според Европската конвенција за човекови права, што наметнува индивидуална проценка во секој предмет.

Габриела Гајдова, судијка и портпаролка на Апелацискиот суд Скопје, очекува дека средбата ќе донесе резултат. "Со оглед на тоа дека Врховниот суд е единствено надлежен да донесе начелни правни ставови и правни мислења, а во нашата пракса е воспоставено да се собираат сите четири апелациони судови и да дискутираат по спорни прашања, ние ова го поставивме како спорно прашање и таква средба сега ќе има во месец декември кога очекуваме да се надминат овие дилеми", вели Гајдова.

Апелацијата од Штип посочува дека треба поединечно да се третираат прашањата, "посебно имајќи ја предвид и праксата од ЕСЧП, во поглед на двојното казнување, несразмерно казнување и заштита на сопственоста". Судии потенцираат дека треба да се внимава на тежината на делото и личните прилики "за со одземањето на моторното возило да не му се става прекумерен товар на обвинетиот".

Додека се чека декемвриската одлука на врховните судии, на терен МВР привремено одзело 2 098 возила во рок од девет месеци. Паралелно, Собранието веќе донесе измени на Кривичниот законик по кои во иднина возилата нема да се одземаат само поради управување без дозвола.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи