Почетна
Македонија

Собрание: Предлог‑закон за пријавување и проверка на странските инвестиции даден на натамошно читање

Со 81 глас „за" предлогот воспоставува национален механизам за пријавување и проверка на странските директни инвестиции со праг од 10% и 50.000 евра.

·Македонија
Собрание: Предлог‑закон за пријавување и проверка на странските инвестиции даден на натамошно читање

Во рамките на 121. пленарна седница попладнево, Собранието ја заврши расправата за предлог‑законот за пријавување и проверка на странските директни инвестиции и тој со 81 гласа „за" е даден на натамошно читање. Со законот се уредуваат постапките за пријавување и проверка на странските директни инвестиции со цел да се заштитат националната безбедност, јавниот ред и стратешките интереси. Седницата продолжува утре во 14 часот.

Што предвидува предлог‑законот

Со предлог‑законот се предвидува воспоставување национален механизам за скрининг на странските директни инвестиции преку кој ќе се спроведува пријавување и проверка во строго утврдени критични и сензитивни сектори, доколку постојат сериозни индиции дека инвестициското реализирање би имало негативен ефект врз националната безбедност, јавниот ред или стратешките интереси.

Според предложеното решение, странска директна инвестиција може да се реализира со претходно донесена позитивна или условно позитивна одлука од страна на Владата ако се стекнува најмалку 10 % од основната главнина и/или правото на глас, а вредноста на стекнувањето е не помала од 50.000 евра во трговско друштво, сектор или критична инфраструктура конкретно утврдени со членот 8 од предлог‑законот.

Заради фактот што во земјава не постои посебен закон или подзаконски акт што ја дефинира критичната инфраструктура, со предлог‑законот се дава правен основ Владата, на предлог на Министерството за одбрана, да ги утврдува секторите и видовите на критична инфраструктура потребни за примената на овој закон.

За надлежен орган за пријавување и проверка е предложено да биде Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, кое по претходна постапка на консултации со надлежните институции (МО, МВР, МФ, МЕТ, АНБ, НБРМ, МЕРМС, КЗК и други) ќе дава предлог до Владата дали одредена инвестиција треба да биде дозволена, дозволена под одредени услови или одбиена. Против одлуката на Владата инвеститорот има право да поведе управен спор пред надлежниот суд во согласност со Законот за управни спорови.

Пратеникот Димитар Ковачевски од СДСМ истакна дека партијата ја поддржува идејата за скрининг, но најави дека ќе предлага амандмани за подобрување на текстот. "Моите забелешки се дека предлагачот создава механизам кој е премногу широк, премногу централизиран, со премногу дискреција на извршната власт и со недоволно гаранции за правната и институционалната сигурност" — рече Ковачевски.

Пратеникот Антониjо Милошоски од ВМРО‑ДПМНЕ посочи дека законот ги утврдува случаите кога инвестицијата подлежи на проверка, кој е должен да ја пријави, која институција ја спроведува постапката и кои други институции учествуваат во проценката, додека конечната одлука ја носи Владата. „Затоа сметам дека во законот сосема правилно бидејќи ги има најголемите податоци и од внатрешноста на земјата, но и од странските држави, како контактна точка е предвидено МНРиМТ, но не е точно дека оваа институција самостојно ќе одлучува или ќе проценува за инвестициите кои ќе можат да имаат стратешки ризик за националната безбедност“ — нагласи Милошоски.

Пратениците исто така ја изгласаа одлуката за давање согласност на Статутот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад. Претходно, Собранието ја именуваше Арљинда Хасани Синани за вицегувернер на Народната банка и беше изгласана потребата за носење на дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како и на 45 други измени и дополнувања по скратена постапка за усогласување со Законот за високи раководители.

Со предложените измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како што образложи пратеникот Жан Дрвошанов, рокот за склучување договори за инвестиции се предвидува да се продолжи до 4 септември, анексите на договорите да можат да се склучуваат до 11 септември (наместо до 31 јули), а исплатата на државната помош да биде до 23 октомври (наместо до 31 август). Предлог‑законот најпрвин ќе помине низ матичните комисии пред да се врати пред пленумот.

Пратениците ги изгласаа и законите за ратификација на: Конвенцијата за Бирото на Европската конференција за цивилно воздухопловство; Протоколот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Литванија за спроведување на Спогодбата за преземање на лица кои престојуваат без дозвола; Договорот за соработка во областа на одбраната помеѓу Република Северна Македонија и Република Словенија; и Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Португалската Република во врска со соработката во областа на одбраната.

Беа усвоени потребите за носење низа закони по скратена постапка со кои се врши усогласување со Законот за високи раководители, вклучувајќи изменения и дополнувања на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Законот за задолжителни нафтени резерви, Законот за Геолошкиот завод, Законот за Фондот за осигурување на депозити, Законот за државната статистика, Законот за Царинската управа, Законот за јавните набавки, Законот за метрологијата, Законот за стоковните резерви, Законот за основање на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот, Законот за државен пазарен инспекторат, Законот за Управата за јавни приходи, Законот за индустриска сопственост, Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, Законот за технолошки индустриски развојни зони, Законот за лековите и медицинските средства, Законот за Централен регистар, Законот за здравствено осигурување, Законот за основање Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството, Законот за безбедност на храната, Законот за урбанистичко планирање, Законот за основање Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Законот за Регистар на задолжително социјално осигурување, Законот за класифицирани информации, Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа, Законот за вештачење, Законот за катастар на недвижности, Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, Законот за рамномерен регионален развој, Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, Законот за управување со кризи, Законот за заштита и спасување, Законот за сигурност во железничкиот систем, Законот за управна инспекција, Законот за архивски материјал и архивска дејност, Законот за здравјето на растенијата, Законот за административни службеници, Законот за животната средина, Законот за инспекциски надзор, Законот за Државниот инспекторат за земјоделство, Законот за употребата на македонскиот јазик, Законот за инспекцијата на труд, Законот за извршување на санкциите и Законот за внатрешната пловидба.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи