Почетна
Македонија

Собранието ја одби интерпелацијата за министерката Сања Божиновска

Со 19 гласа „за“, 63 „против“ и ниту еден воздржан пратениците не ја прифатија интерпелацијата поднесена од Левица.

·Македонија
Собранието ја одби интерпелацијата за министерката Сања Божиновска

Со 19 гласа „за“, 63 „против“ и ниту еден воздржан, Собранието ја отфрли интерпелацијата за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, поднесена од Левица.

Опозицијата го критикува темпото на реформите, мнозинството го брани работењето

Во расправата пратениците од опозицијата ја обвинија министерката за недоволни резултати, неправилности при извршување на функцијата, деградација на јавниот интерес и грубо непочитување на законите. Владејачкото мнозинство ги бранеше нејзините постигнувања со тврдења дека се реализираат значајни реформи и инвестиции.

Подносителите оценуваат дека земјата доцни со реформите потребни за интеграција на домашниот енергетски пазар со европскиот и со исполнувањето на обврските од европскиот механизам за јаглеродно гранично прилагодување. Иако беа наведените позитивни чекори, како отворањето на внатредневниот пазар на електрична енергија, според нив сè уште не е создадена целосна рамка за поддршка на производителите од обновливи извори и за нивно конкурентно позиционирање на европскиот пазар.

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, предупреди на „необичен енергетски парадокс“, со образложение дека произведената електрична енергија во одредени периоди економски вреди повеќе на европскиот пазар, а регулаторните и пазарните бариери го ограничуваат пристапот на домашните производители до таа вредност. Тој посочи дека во часови на интензивно сончево производство струја од фотоволтаици се откупува по нулта цена, а потоа се препродава на соседните пазари по значително повисока вредност.

Пратеникот на ВМРО‑ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, оцени дека интерпелацијата содржи неточни наводи и наведе реализирани проекти: „127 проценти се зголемени приходите од концесиски надоместоци за минерални суровини. По 13 години повторно профункционира нафтоводот со ОКТА и започната е изградбата на нови гасни интерконекции со Грција и Србија.“ Тој додаде дека ветерниот парк кај Штип претставува инвестиција од околу една милијарда евра и дека ќе обезбедува електрична енергија за над 100.000 домаќинства.

Пратеникот на СДСМ, Јован Митрески, рече дека министерката треба да понесе политичка одговорност поради, како што наведе, поврзаност со компании против кои биле водени постапки и заради неисполнети ветувања за укинување на дистрибутивната такса, за гасификацијата и поради состојбите во АД ЕСМ, каде што долгот се зголемил.

Пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, најголем дел од говорот го посвети на рударството и на ризиците од отворање рудници со отворен коп во југоисточниот дел од земјата. Тој оцени дека новата стратегија за минерални суровини може да отвори простор за проекти како Иловица и Казандол и рече: „После 10 години народен бунт на југоистокот оваа политика досега требаше да застане и затоа сметам дека нас ни треба министер кој што на ова ќе му каже стоп, а тоа не сте вие.“

Пратеничката од ВМРО‑ДПМНЕ, Силвана Ангелевска, оцени дека во интерпелацијата се мешаат надлежностите на Министерството со оние на АД ЕСМ, ЕВН и Регулаторната комисија за енергетика и посочи дека „само во 2025 година се исплатени 42,3 милиони денари субвенции за ранливи потрошувачи и 170 милиони денари за субвенции за инвертер клими.“ Таа наведе дека е донесен нов Закон за енергетика усогласен со европските стандарди, дека за првпат е дефинирана енергетската сиромаштија и дека се реализираат проекти како ветерниот парк во Богданци, когенеративната постројка во Битола, фотоволтаични централи и ревитализација на хидроенергетските објекти.

Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, ја критикуваше работата на Министерството повикувајќи се на ревизорски извештаи за состојбите во МЕПСО, контролата на броилата и политиките за отворање рудници и порача: „Ако ова Министерство има некои многу малку ингеренции, мојот одговор може да биде многу краток министерке, можете уште веднаш да си поднесете оставка.“

Во реплика, министерката Сања Божиновска ги отфрли наводите и истакна дека голем дел од проблемите се наследени од претходните власти: „Работам со целиот свој капацитет и мислам дека за две години од нула направив институција.“ Таа посочи дека ревизијата за енергетските институции била побарана уште на почетокот на нејзиниот мандат, дека се работи на расчистување на имотно‑правните односи во МЕПСО и дека до сега се одземени 53 концесии. „За две и пол години нема отворен рудник, има одземени 53 концесии,“ додаде таа, и најави дека со новите законски решенија ќе се бара 100‑процентна финансиска гаранција за санација на рударските проекти.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи