Собранието ја одржува 125. седница со 25 точки на дневен ред
На дневен ред се предлози од областа на јавната администрација, минималната плата, јавните набавки и националните програми за образование и наука.

Собранието денеска ќе ја одржи 125. седница, на чиј дневен ред се 25 точки што опфаќаат низа законски предлози и одлуки од различни области.
Клучни точки на дневниот ред
Во второ читање пратениците ќе расправаат за Предлог-законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции, за Дополнетиот предлог-закон за државната ревизија и за измени и дополнувања на Законот за јавните набавки.
На дневен ред преку скратена постапка се повеќе предлози, меѓу кои измените на законите за домување, за високи раководители, за административни службеници, за вработените во јавниот сектор, за платите и надоместоците на избраните и именуваните лица, за шумите и Законот за субвенциониран студентски оброк.
Во прво читање ќе се разгледуваат предложените измени и дополнувања на законите за јавните набавки, животната средина, надворешните работи, данокот на личен доход, заштитата на децата, државните награди, минималната плата и работните односи, како и Предлог-законот за заштита на критична цивилна инфраструктура.
Пратениците ќе ги разгледаат и Предлог Националната програма за високото образование со предлог-мерки и Предлог Националната програма за научно-истражувачка дејност со предлог-мерки.
На седницата се очекува да се донесат одлуки за изменување и дополнување на составот на собраниските комисии, да се објави јавен оглас за избор на членови на Советот за граѓански надзор и да се распише јавен оглас за именување член на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Фото: прес-материјал од настанот


