Софија: Отворени сме за дијалог, но Скопје мора да ги испорача обврските
Бугарското МНР ја потсетува Северна Македонија дека напредокот кон ЕУ зависи од исполнување обврски и поправање на односите со соседите.

Бугарија го повика Скопје да ги исполни обврските поврзани со процесот на пристапување во Европската Унија, но истовремено повтори дека е отворена за конструктивен дијалог.
Реакција на МНР на Бугарија по барањето на Муцунски
Во официјалниот став на Министерството за надворешни работи на Бугарија стои дека "Процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ е европско прашање кое треба да се решава во рамките на европските институции и во согласност со утврдените правила и процедури." Министерството додава дека ја поддржува работата на Европската комисија со земјите што преговараат за членство и ги оценува резултатите постигнати во рамките на Европскиот совет.
Во соопштението од Софија се вели: "Бугарија ја поддржува работата на Европската комисија со секоја од земјите што преговараат за членство, оценувајќи ги резултатите постигнати во рамките на Европскиот совет. Очекуваме Северна Македонија да ги исполни своите обврски и да ги започне потребните промени за да продолжи напред по својот европски пат."
Од бугарското МНР го потенцираат и значењето на добрососедските односи како суштински дел од процесот на пристапување, неопходен предуслов за напредок и основа за градење доверба. "Бугарија отсекогаш била и останува отворена за конструктивен дијалог со Република Северна Македонија", се додава во соопштението.
Реакцијата доаѓа по изјавата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој во интервју за МИА рече дека "земјава не е подготвена по која било цена да прифати компромис што на државата не ѝ обезбедува предвидливост" и дека затоа е од големо значење во сите понатамошни разговори со Софија да биде вклучена и Европската Унија.
Фото: Архива


