Сојузот на борци од Тетово бара измени на законот за именување улици
Сојузот на борци од Тетово бара да се забранат имиња на улици поврзани со фашизмот, потсетувајќи на над 200 предложени имиња во локалните списоци.

Сојузот на борци од Тетово испрати барање до Собранието за измени на Законот за определување имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти. Во дописот се бара внесување на појасна правна забрана против користење имиња поврзани со фашистичката идеологија.
Побарување за јасна забрана на имиња поврзани со фашизам
Во барањето се предлага во законскиот текст да биде вметната изрична забрана за именување со име на личност или организација поврзани со фашизам, нацизам, тероризам и нивните појавни форми, како и други имиња поврзани со нивното делување и постоење.
Во Тетово работната група за именување и преименување на улиците досега подготви два списоци со вкупно над 200 имиња кои би се користеле во градот. Сојузот на борци во повеќе наврати реагираше на одредени имиња кои, според официјалната македонска историја, се евидентирани како поврзани со фашистичката идеологија.
Откако во 2022 година Собранието донесе измени кои имаа за цел да спречат регистрација на бугарски профаšистички клубови преку Законот за здруженија и фондации, Сојузот од Тетово сега бара слична доследност и во практиката за именување улици.
„Очекуваме собранието да биде конзистентено на своите претходни одлуки од 2022 година. Како што не е дозволливо и не е во ред да се регистрираат фашистички здруженија на граѓани. Исто така, не е во ред определуваат имиња на улици со имиња на фашисти и нивни соработници. Затоа очекуваме дека пратениците, пратеничките групи ќе бидат кооперативни и помеѓу себе, а и кон сојузот на борци и ќе ја препознаат потребата од подобрување на законската регулација и соодветни измени ќе влезат во собраниска процедура веднаш“, изјави Даријан Сотировски, член на претседателството на Сојузот на борци од Тетово.
Во документот упатен до парламентарните партии се бара почнување на постапка за законски измени без одлагање, а локалната јавност во Тетово ќе ја следи реакцијата на Собранието и евентуалните конкретни предлози за измена на законската рамка.
Фото: прес-материјал од настанот