Sono Motors ја затвори компанијата и го продава десетгодишниот развој на соларни технологии
Стартапот од Минхен ги затвори активностите крајот на јули и нуди за продажба патенти, електроника и техничка документација од десетгодишниот проект.

Германскиот стартап за електрични возила Sono Motors официјално ги запре деловните активности и влезе во стечајна постапка, ставајќи крај на десетгодишниот развој на интегрирана соларна технологија за автомобили. Компанијата ги запрела работите на крајот од јули и сега го нуди целиот пакет технологии на продажба.
Што се продава
На продажба се ставени патенти, електронски системи, инженерска и техничка документација и останати решенија поврзани со соларните панели и системите за возила кои компанијата ги развиваше во текот на околу една деценија. Менџментот бара инвеститор или купувач кој ќе го продолжи развојот.
Најпознатиот проект беше моделот Sion — електричен автомобил со десетици соларни панели интегрирани во каросеријата за дополнително полнење од сончева енергија. Концептот предизвика голем интерес во Европа и илјадници луѓе уплатија аванс, но Sion никогаш не стигна до сериско производство.
По неуспешни обиди да обезбеди нови инвестиции, компанијата минатата година врати околу 50 милиони евра на купувачите кои однапред уплатиле за автомобилот. Подоцна, менаџментот ја отфрли идејата за сопствено производство и се обиде да ги продава соларните модули и системи на други производители — автобуси, комбиња и други електрични платформи — но и таа стратегија не ја стабилизираше компанијата.
На почетокот на годината матичната компанија Sono Group одлучи да престане со финансирање на бизнисот со соларни технологии. Сопственоста на оперативната единица беше префрлена на стечајните управници за симболична сума од едно евро, кои истовремено ги презедоа и долговите од околу 10,5 милиони евра. Матичната фирма потоа ја смени деловната насока и се фокусира на инвестиции во биткоин и други дигитални имотни актива.
Извршниот директор Денис Азхар изјави дека компанијата бара инвеститор што ќе го преземе целиот пакет технологии развиени во изминатата деценија, со надеж дека решенијата развиени за Sion еден ден може да се најдат во некое друго електрично возило ако новиот сопственик продолжи со развојот.
Фото: прес-материјал од настанот