Почетна
Магазин

Манчо Манчевски: „Сестра, брат и шахта“ доби Tokyo Grand Prix

Филмот ја зеде наградата на жирито поради спојот на хумор, трагедија и човечност

·Магазин
Манчо Манчевски: „Сестра, брат и шахта“ доби Tokyo Grand Prix

Филмот „Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски ја освои главната награда на Токискиот меѓународен филмски фестивал (TIFF) — Tokyo Grand Prix, во рамките на фестивал од А‑категорија. Ова е првпат македонски филм да го добие врвното признание на фестивал од тој ранг по „Пред дождот“ на Манчевски во Венеција во 1994 година.

Образложение од жирито и голем број пријави

Претседателот на жирито, легендарниот австралиски режисер Ролф де Хер, го прочита официјалното образложение на жирито при доделувањето на наградата: „За беспрекорното спојување на хуморот, трагедијата и драмата, за човечноста и сочувството што ги покажува кон своите ликови, за сложениот, но кохерентен филм, кој истовремено успева да биде трогателен и разигран, големата награда на Токио – Наградата на гувернерот на Токио за најдобар филм – му се доделува на „СЕСТРА, БРАТ И ШАХТА“."

Манчевски ја сподели радоста и им се заблагодари на сите кои верувале во создавањето на филмот: „Многу ми е мило што светот ја сака нашата шахта. Благодарност до феноменалната екипа, глумците, финансиерите, спонзорите – за довербата во еден чуден филм. Ете пример дека истрајноста и правдата победуваат. Напред, шахта!“

На свеченото затворање наградата ја подигнаа главните актери Сара Климоска и Филип Трајковиќ заедно со продуцентот Јане Ќортошев. Продуцентот се обрати до публиката и го опиша патот на проектот: „Во Токио дојдовме со шахта, а во Македонија се враќаме со оваа прекрасна награда. Мислам дека ова е навистина добра зделка! Од неизвесноста дали воопшто ќе успееме да го снимиме филмот, до оваа вечер, кога стоиме тука, во Токио – навистина поминавме долг пат. Голема благодарност до сите кои веруваа во нас и нè поддржуваа на тој пат. Галина Тонева, Ју‑Фаи Суен, Светлана Левичева… – еве нè тука. Благодарност до Меѓународниот филмски фестивал во Токио, кој веруваше во нашиот филм и до жирито што му ја додели оваа прекрасна награда. Аригато гозаимас!"

Годинава TIFF доби 1.892 пријави од 112 земји и региони. По ригорозен селекциски процес, во натпреварувачката програма беа избрани 15 филма. Жирито на натпреварувачката програма, предводено од Ролф де Хер, го сочинуваа филмски професионалци од Австралија, САД, Јужна Кореја, Јапонија и Франција.

„Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за тие што имаат и оние што немаат — во исто време лута сатира и суптилна поема за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството. Филмот е снимен околу Скопје со меѓународна екипа и претставува деветтиот долгометражен игрален филм на Манчевски. Во 2026 година тој го реализираше и документарниот филм „Добри луѓе“ за трагедијата во Кочани, така што во иста година имаше две премиери пред меѓународната публика.

Во главните улоги се појавуваат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски. Дизајнер на продукција е Дејвид Манс (Велика Британија), директор на фотографија е Стефано Фаливене (Италија). Кастинг‑директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката е на Бистра Кечиџиева (Бугарија). Продуцент е Јане Ќортошев.

Филмот доби поддршка од националната Агенција за филм (по претходна незаконска тригодишна блокада на Манчевски), како и од филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија. Македонски компании и културни институции кои го поддржаа проектот се Дајнерс клуб, Тиквеш, Витаминка, Окта, Пелистерка, Специјал, Такси Глобал, Хотел Арка, Саманта, Мај принт, Македонскиот народен театар и Види Вака. Копродуценти се Гала филм (Бугарија), Сенс продакшн (Србија), Амаркорд продакшн и Аугустус колор (Италија), Беркли медиа груп (Англија) и Тирана филм институт (Албанија).

Фото: приватна архива

Поврзани написи