Почетна
Македонија

Советот на Куманово одобри 27 нови вработувања во домот „Зафир Сајто“

Советот го усвои планот за 27 нови вработувања; конечна согласност треба да даде Министерството за финансии.

·Македонија
Советот на Куманово одобри 27 нови вработувања во домот „Зафир Сајто“

Советот на Општина Куманово го усвои годишниот план за вработување во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ за 2027 година, со кој се предвидуваат 27 работни места, главно за службите за нега и медицинска помош, како и дополнителни стручни, административни и технички позиции.

Планот ќе биде доставен до Министерството за социјална политика, демографија и млади, кое ќе го проследи до Министерството за финансии за да даде конечна согласност за бројот на новите вработувања.

Конкретни позиции и објаснување од директорот

Директорот Александар Крстевски ги наведе планираните позиции: шест негувателки, шест медицински сестри, пет хигиеничарки, две готвачки и сервирка, како и по еден социјален работник, воспитувач, физиотерапевт, работен терапевт, сметководител, правник и чувар.

„Вработувањата ни се неопходни заради непречено функционирање на установата и квалитетно извршување на сите наши активности. За 2027 година се очекуваат зголемени обврски, поради што е потребно обезбедување на континуирана здравствена, социјална и институционална заштита на нашите корисница, како и подигање на квалитетот на условите за живот во домот. Особено е изразена потребата од кадровски зајакнувања на стручните служби, со што ќе обезбедиме 24-часовна грижа на корисниците и подобра организација на работниот процес. Со годишниот план за вработување се врши кадровско екипирање согласно реалните потреби на установата. Од големо значење ќе ни биде доколку министерството ни одобри што поголем број на вработувања, бидејќи домот е од отворен тип и тоа ја зголемува одговорноста во однос на безбедноста на корисниците“, образложи пред советниците директорот Крстевски.

Советниците од опозицијата го поддржаа планот и апелираа до надлежните министерства да дадат согласност за поголем број на вработувања, бидејќи установата работи со преполовен кадар.

Во извештаите стои дека само 30 вработени се грижат за околу 180 стари лица во државниот дом во Куманово, а Министерството за финансии три години не одобрува нови вработувања. Во моментот, во домот има 33 вработени, а седум се ангажирани преку Агенцијата за привремени вработувања. За сметководствените и правните услуги, како и за одржувањето на хигиената, ангажирани се приватни фирми.

Наместо предвидените 80, во установата работат триесетина лица, кои се недоволни за секојдневна грижа на околу 180 корисници. За негата на старите лица се задолжени само 13 негувателки и шест медицински сестри, распоредени во три смени; според пропишаните нормативи во секоја смена треба да има по една негувателка на десет корисници.

Домот за стари лица „Зафир Сајто“ годинава одбележува 70 години постоење. Располага со 3.300 квадратни метри внатрешна површина и со исто толкав двор и е еден од најголемите и најстарите државни домови во земјата што го покрива Североисточниот Регион. Иако голем дел е реновиран, некои оддели се во катастрофална состојба. Во домот се сместени корисници од сите делови на државата, а има и долга листа на чекање за прием.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи