Почетна
Македонија

Спасен српски алпинист кој паднал и висел на јаже кај Демир Капија

Алпинист паднал од карпа, бил префрлен преку Вардар и со сериозни повреди упатен кон Ургентниот центар во Скопје.

·Македонија
Спасен српски алпинист кој паднал и висел на јаже кај Демир Капија

Вчера околу пладне српски рекреативен алпинист паднал од карпа и висел на јажe во кањонот на Вардар кај Демир Капија, по што бил спасен и пренесен во болница, посочуваат очевидци и институции.

Според пријавите, повредениот бил дел од група од седум алпинисти од Србија кои практикувале спортско качување по стрмните карпести гребени кога се случила несреќата. Други српски туристи што биле во кањонот опишуваат како се одвивала акцијата за спасување.

„Пријде група за искачување, исто така од Србија, и побара полесна рута. Им ги предложив насоките ‘Полжав‘ и ‘Тулумба‘, а потоа ги оставив. Јас со сопругата се искачувавме по друга насока. Тие се одлучија за ‘Полжав‘ и тргнаа во две групи од по три лица. По еден час слушнавме повици за помош. Се упативме кон нив, а пристигна и член на АК ‘Велес ин‘, планинарот Бобо, кој храбро се искачи до повредениот Цобе и го симна. Таму веќе беа припадниците на специјалната единица ‘Волци‘, кои започнаа постапка за негово пренесување преку Вардар. Повредениот имаше најмалку две тешки повреди, отворени скршеници на ногата“, вели српскиот турист очевидец.

Од карпите, каде што повредениот висел на јаже на височина од околу 20 метри, го спасувал и велешкиот алпинист Слободан Бобо Димовски, кој исто така бил на искачување во близина.

„Околу пладне слушнавме врисоци, лелеци и повици за помош. Веднаш се упатив кон местото од каде што доаѓаа повиците. Видов дека човек виси на јаже и дека има обилно крвавење. Се искачив до него и го симнав на земја. Побаравме помош од Центарот за управување со кризи (ЦУК) и побаравме да биде испратен хеликоптер, бидејќи се наоѓавме од другата страна на Вардар и немаше можност повредениот да биде пренесен преку реката. Тој беше во тешка состојба. Имавме среќа што тој ден припадниците на армиската специјална единица ‘Волци‘ имаа тренинг во близина. Тие беа на истата, левата страна од реката, каде што не можеше да пристапи лекар. Припадниците на единицата пристигнаа, му укажаа прва помош и го имобилизираа. Потоа со јаже го префрлија преку реката, каде што го чекаше екипа на Итната медицинска помош“, вели Димовски.

Инцидентот го потврди и Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес, кој соопшти детали од пријавата.

„Според пријавеното, С. Ж., кој бил главен инструктор во планинарско-спортското друштво ‘Стена‘ од Белград, се искачувал заедно со уште шест алпинисти од Република Србија по веќе поставена алпинистичка насока. Притоа, тој посочил дека карпите се кршливи и лизгави. Во еден момент, при искачувањето, паднал од карпата, односно се откорнало парче од карпата. При падот, А. Т., кој го обезбедувал со јажето, успеал да го задржи на височина од околу 15 метри над земјата. Припадници на специјалната единица на Армијата, ‘Волци‘, кои биле во близина и изведувале алпинистичка вежба, му укажале прва помош и го извлекле на безбедно и пристапно место“, рече Биљана Ѓаковска од СВР Велес.

Со возило на Итната медицинска помош од Неготино повредениот бил пренесен во Општата болница во Велес, каде што било констатирано дека е тешко повреден.

„Кај повредениот алпинист, државјанин на Република Србија, по извршените лекарски прегледи, биле констатирани две отворени скршеници на потколеницата и скршеница на еден рбетен пршлен. Му била укажана неопходната медицинска помош, а поради карактерот на повредите бил препратен на Ургентниот центар во Скопје“, рече д-р Анамарија Џунџева, портпаролка на Општата болница во Велес.

Кањонот кај Демир Капија е најголемиот и најпознатиот локалитет за спортско качување и алпинизам во Македонија, со околу 400 уредени алпинистички насоки.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи