Почетна
Македонија

Општина Велес дава 4,4 милиони денари за Стационар „Шепа“, но бројот на бездомни кучиња расте

Советниците бараат кампањи за вдомување и повеќе видливи резултати; стационарот заловил 563 кучиња во девет месеци.

·Македонија
Општина Велес дава 4,4 милиони денари за Стационар „Шепа“, но бројот на бездомни кучиња расте

Општина Велес годишно издвојува 4,4 милиони денари (над 70.000 евра) за работа на ЈП Регионален центар за згрижување на бездомни животни, Стационар „Шепа“, но советници и граѓани се незадоволни — бројот на бездомни кучиња во градот не опаѓа.

Советници бараат повеќе видливи резултати

На седницата на Советот, на која се разгледуваше деветмесечниот извештај за работата на Стационар „Шепа“, членови на Советот оценија дека состојбата на терен не е добра и дека нема јасни докази дека вложените пари носат соодветни резултати.

„Дали граѓаните на Општина Велес, кои годишно издвојуваат 4,4 милиони денари (над 70.000 евра) за работата на 'Шепа', добиваат резултати адекватни на тој финансиски товар? Долгорочно се работи на намалување на размножувањето, но не е познато дали оваа цел се постигнува. Потребно е да се спроведуваат кампањи за вдомување на бездомните кучиња“, рече Анета Стаиќ од партијата Левица.

На седницата беше посочено дека Општина Велес нема долгови кон стационарот — редовно ги сервисира годишната котизација и таксите за заловените кучиња. Наспроти тоа, Кавадарци и Неготино имаат долг од 2,5 милиони, односно 1,5 милиони денари за деветмесечниот период. Планот за набавка на храна за девет месеци е извршен само 32%.

„Состојбата со бездомните кучиња по улиците на градот не е сјајна. За тоа имаме поплаки од граѓани, статуси на Фејсбук, реакции. Од друга страна, надлежните од локалната власт велат дека на секоја нивна реакција вие доаѓате во Велес, сте кооперативни и ја завршувате обврската. Вие го давате максимумот, но дали се решени проблемите? Граѓаните очекуваат многу повеќе. Велес плаќа најмногу, а Кавадарци има најмногу заловени кучиња“, рече Маја Демерџиева од ВМРО‑ДПМНЕ.

Во извештајот за првите девет месеци стои дека ЈП Стационар „Шепа“ заловило 563 бездомни кучиња во деветте општини што ги покрива, од кои 114 се вдомени. Во Велес биле заловени 148 кучиња, а 18 биле вдомени.

Во Стационарот се вршат стерилизација, вакцинација и кастрација; животните, согласно законот, остануваат до 30 дена, по што се враќаат на местото каде што се заловени.

„Во Велес доаѓаме два до три пати неделно. Излегуваме на терен и гледаме дека кучињата се со маркица, што значи дека се стерилизирани. По еден месец, на истата локација имаме нови кучиња. Кога доаѓаме на терен во Велес, не заловуваме помалку од четири нови кучиња. Имаме ситуации кога станува збор за бездомни кучиња кои се маалски, па граѓаните реагираат: 'Остави го, тоа е наше'. А тоа куче создава или остава потомство и се зголемува бројот на маалски кучиња. Женска единка годишно дава пет нови кучиња, а може и десет. Целта е да го намалиме бројот на нестерилизирани кучиња. Во однос на реакцијата за поголемиот број заловени кучиња во Кавадарци, ќе илустрирам со пример. Стационарот е во околината на Кавадарци. Заловуваме куче од Кавадарци, го пуштаме по 30 дена, а тоа по некое време се враќа и ни носи неколку другарчиња. Такви примери има повеќе“, изјави Снежана Гинева, директорка на ЈП Регионален центар за згрижување на бездомни животни, Стационар „Шепа“.

Гинева додаде дека при вдомувањето најмногу помагаат активистите за доброто на животните.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи