Спасовски бара отчет за трошоците за прославата на независноста
Координаторот на СДСМ бара документи за 300 милиони денари од Државна лотарија и податоци за компании кои донесоа дополнителни средства.

Пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната седница за пратенички прашања побара отчет за трошоците од околу 5,53 милиони евра поврзани со прославата на 35-годишнината од независноста и побара информации кои фирми ги обезбедиле дополнителните околу 40 милиони денари (над 600 илјади евра).
Во прашањето упатено до заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, Спасовски праша дали Собранието на акционери на АД „Државна лотарија“ одржало седница на која било одобрено користење 300 милиони денари од нераспределената добивка за финансирање на прославата и побара да се објават датумот на седницата, донесената одлука и сите детали поврзани со распределбата на добивката.
Тој побара и да се утврди дали биле пресметани, пријавени и платени сите применливи даноци поврзани со организацијата и реализацијата на прославата, да се наведе точниот износ на платениот данок и да се објават имињата на фирмите кои обезбедиле дополнителните средства.
„Ако сите овие податоци бидат изнесени јавно, транспарентно, потврдени со документи, мислам дека можеби ќе се расчистат работите и нема да се зборува во јавност, да се шпекулира, да се нагаѓаат дали биле тоа провизии, дали биле потрошени наменски пари и така натаму и така натаму", рече Спасовски на денешната седница за пратенички прашања.
Јанкуловски: Дел од прашањата се надлежност на Државна лотарија и УЈП
Во одговорот до пратеникот, заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски рече дека јавноста веќе добила одговори преку прес-конференцијата на раководството на „Државна лотарија“ и Владата, и додаде дека доколку постојат сомнежи за евентуални нерегуларности, надлежните институции можат да ги испитаат.
За средствата обезбедени од Државна лотарија, Јанкуловски рече дека постои одлука донесена од надлежен орган во акционерското друштво по претходно постапување по владин заклучок. Во однос на даночните обврски, тој оцени дека тоа е техничко прашање во надлежност на УЈП и најави дека одговорот ќе биде доставен писмено. На прашањето за компаниите што обезбедиле дополнителни средства, Јанкуловски рече дека тоа треба да се постави до Државна лотарија.
Спасовски изрази незадоволство од добиените одговори и оцени дека Министерството за финансии има обврска да располага со тие информации и да ги презентира пред Собранието. Тој побара писмено да бидат доставени податоци за фирмите кои донирале или спонзорирале средства, висината на нивните уплати и основот по кој тие средства биле обезбедени.
Антикорупциска комисија отвори предмет за судир на интереси кај едно лице во врска со прославата за 35-годишнината од независноста. "Се анализира секоја околност од кривичноправен аспект, рече Савески за финансирањето на прославата за 35 години независност".
Фото: МИА


