Почетна
Магазин

Срџан Амет се присеќава на Зоки Фаци по повод неговиот роденден

Адвокатот и пријател ги споделува анегдотите, неговата емоционална страна и последните разговори.

·Магазин
Срџан Амет се присеќава на Зоки Фаци по повод неговиот роденден

По повод роденденот на трагично починатиот шоубизнис-новинар Зорaн Василевски – Зоки Фаци, неговиот долгогодишен правен застапник и близок пријател, адвокатот Срџан Амет ги сподели своите искрени спомени. Иако нивниот однос започнал професионално, со текот на времето прераснал во дружба која открила различни, помалку познати страни од неговиот карактер.

„Најмногу ми недостига неговото присуство и енергијата што ја носеше со себе. Зоки беше човек кој и кога ништо посебно не се случуваше, знаеше да направи моментот да биде посебен,“ вели Амет, нагласувајќи дека и по речиси две години од заминувањето, токму тие мали, секојдневни моменти најмногу му недостасуваат.

На прашањето кој прв спомен му паѓа на памет, Амет го опишува неговиот впечатлив смешка: „Неговата ,,заразна” насмевка и начинот на кој знаеше од најобичен разговор да направи приказна. Тоа е нешто што веднаш ми се појавува пред очи.“ Средбите со Зоки, додава тој, ретко биле кратки: „Речиси никогаш не беше кратка. Ќе седневме на кафе, а од една тема ќе стигневме до десет други. Секогаш имаше што да каже, кого да спомне и некоја шега со која ќе нè насмее."

Анегдоти и маската на хуморот

Амет раскажува многу случки, но посебно издвојува една особина: способноста на Зоки да ја олеснува сериозноста со шега. „Имаме многу, но она што најмногу го паметам е неговата способност и во најсериозни ситуации да најде начин да се пошегува. Зоки едноставно знаеше да ја разоружа тежината на моментот,“ вели тој.

Надвор од медиумската фасада, Амет подвлекува дека Зоки бил многу поемотивен отколку што публиката го познавала: „Беше многу поемотивен отколку што можеби луѓето го знаеја од телевизија. Како адвокат ми беше клиент, но со текот на времето стана човек на кој можев искрено да му се јавам и како пријател. И да, беше токму тој човек што можеше за пет минути да ти го смени расположението."

На прашањето што би му кажал сега, Амет одговара едноставно: „Би му кажал дека не е заборавен. Дека недостига и дека сум благодарен што животот ми даде можност да го запознаам не само Зоки Фаци, туку и човекот Зоки.“ Тој завршува со тоа што најмногу би сакал да проживее повторно: „Една обична средба. Без посебен повод, без брзање. Само да седнеме на кафе и повторно да разговараме со часови. Денес, токму тие обични моменти ми се највредни."

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи