ССКМ се спротивставува на намалување на празниците и предлага исплата по саат
ССКМ предлага фокус на продуктивност и флексибилност наместо намалување на неработните денови.

Сојузот на стопански комори (ССКМ) јавно се спротивстави на предлогот за намалување на бројот на државните празници и побара да се фокусира на мерки за зголемување на продуктивноста, меѓу кои и отворање на дебата за плаќање по работен час.
Претседателот на ССКМ, Горан Ѓорѓиевски, на почетокот на тркалезната маса „Посилен глас на бизнисот за реформите“ нагласи дека македонските работници се вредни и посветени и дека решенијата не треба да се бараат преку одземање на неработните денови.
Предлогот за исплата по саат
Ѓорѓиевски отвори прашање за модел на исплата по работен час, кој, како што рече, би ги наградувал по-продуктивните работници и би донел поголема флексибилност на пазарот на труд, особено за родителите.
„Нашиот фокус не треба да биде на намалување на празниците, туку на тоа како да се зголеси продуктивноста. Во таа насока, би сакал да отворам прашање за кое сметам дека треба да се дискутира и во иднина, а тоа е плаќањето по работен час, по примерот на развиените пазарни економии. Овој модел ќе ги фаворизира работливите и продуктивните работници, бидејќи ќе им овозможи да заработуваат повеќе, а истовремено ќе донесе и поголема флексибилност на пазарот на труд. Поголемата флексибилност е посебно значајна за родителите и за мајките кои треба да ги усогласат работните и семејните обврски“,
изјави Ѓорѓиевски.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, потврди дека оваа идеја е една од опциите што треба да се разгледаат за зголемување на продуктивноста и во јавниот и во приватниот сектор, и нагласи дека треба да се анализираат искуствата на поразвиените земји и да се разгледува во рамки на Економско-социјалниот совет.
Во меѓувреме, Стопанската комора на Македонија на почетокот на месецов најави дека ќе достави предлог-измени на Законот за празниците со кои индиректно бројот на неработни денови би бил сведен на 13, а празниците што паѓаат во недела да не се префрлаат во понеделник. Министерството за економија и труд соопшти дека доколку предлогот пристигне, тој ќе се разгледува на Економско-социјалниот совет.
Министерот Бесар Дурмиши и премиерот Христијан Мицкоски изјавија дека не треба да се кратат веќе стекнатите права на работниците, додека синдикатите веднаш се спротивставија на предлогот за намалување на празниците.
Фото: прес-материјал од настанот


