Почетна
Спорт

Станковски: Задоволен сум од настапот на Мундијалот, генерација со многу талентирани играчи

Селекторот Горан Станковски го оцени учеството на генерацијата 2011 на Светското првенство и ги најави следните тренинзи и контролни натпревари.

·Спорт
Станковски: Задоволен сум од настапот на Мундијалот, генерација со многу талентирани играчи

Репрезентацијата на Македонија до 15 години (генерација 2011) учествуваше на Светското првенство во формaтот 7+1 што се одржа во Баку, Азербејџан, во периодот од 22 октомври до 1 ноември. Селекторот Горан Станковски го оцени настапот на неговиот тим како позитивен и нагласи дека турнирот донесе значајно меѓународно искуство за играчите.

“ Среќен сум што сме првата репрезентација која е дел од Светско првенство на кое имавме забележителен настап и јас сум задоволен од постигнатото. На десет натпревари имаме шест победи, еден нерешен резултат и три порази. За жал немавме многу среќа со жрепката бидејќи се соочивме со исклучително тешки противници, кои се пред се физички надмоќни, но од друга страна уште на првиот натпревар дека можеме да им се спротивставиме и на вакви екипи пред се на најквалитетниот во нашата група, селекцијата на Панама која ја совладавме со 4:1. За жал по тој натпревар имавме проблеми со повреди на играчите и до крајот на првата фаза постојано ни недостасуваа три до четири фудбалери. Токму поради тоа тешко е да се издржи во серија мечеви во кои се игра со силен интензитет да го одржите нивото. Многу сум благодарен на играчите кои го понесоа главниот товар, кои практично беа принудени да играат многу повеќе бидејќи немавме можност за ротација во екипата, но и тоа не беше причина да не играме добро во дуелите со навистина силни противници”, истакна Станковски.

Што донесе турнирот?

Селекторот посочи дека самиот формат и бројот на натпревари биле клучни за градење самодоверба и меѓународно искуство кај младите фудбалери.

“ Настапот на овој турнир има големо значење во стекнување на неопходно меѓународно искуство на сите фудбалери. Примарно, добро е што имаа можност да видат дека можеме да бидеме рамноправни со сите противници бидејќи пред заминувањето за Азербејџан кај нив беше видлива доза на страв околу тоа што ги очекува на овој шампионат. Од натпревар во натпревар тие станаа свесни дека имаат квалитет да играат со сите екипи, да бидат рамноправни па и подобри и ова за нив е огромно искуство на почетокот од кариерата”, продолжи селекторот.

По враќањето од Азербејџан, националниот тим продолжува со работа во Скопје, каде што го очекуваат интензивни тренинзи и нови контролни натпревари. “ По враќањето од Азербејџан продолжуваме со нашите активности. Ќе тренираме во Скопје, планираме нови контролни натпревари. Првите дуели во продолжението се мечевите со Црна Гора, на пролет не очекува настап на развоен турнир на УЕФА, а се ќе заврши со учеството на квалификациите за Европското првенство”, рече Станковски.

На крајот, Станковски истакна дека генерацијата 2011 изобилува со таленти и дека верува оти неколкумина од овие играчи во иднина ќе се пробијат до А-репрезентацијата на Македонија.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи