Почетна
Спорт

Стефан Мелник до бронза на Државното првенство за слепи и слабовидни

Младинецот од ШК Алкалоид го освои третото место во Охрид по серија од вкупно 18 партии и доби 59 рејтинг поени.

·Спорт
Стефан Мелник до бронза на Државното првенство за слепи и слабовидни

17‑годишниот Стефан Мелник се врати од Охрид со бронзен медал — го освои третото место на Државното првенство во шах за слепи и слабовидни лица, кое се одржа од 22 до 27 јули.

Од светски настап до национална подиум‑позција

Член на младинската школа на ШК Алкалоид, Мелник го обезбеди учеството во финалето преку квалификациски турнир од 20 до 22 јули. На квалификациите одигра девет партии и освои седум поени — шест победи, две нерешени и еден пораз — со што се подели на првото место заедно со Трајче Димов; во завршницата учествуваа и Блаже Атанасовски и Зоран Велковски.

На главниот турнир Мелник одигра уште девет кола и собори 6,5 поени, повторно со само еден пораз. На крајот заврши на делба за второто место со Зоран Костадиновски, но загуби на тај‑брејк; првото место го освои Даниел Димов со пола поен повеќе.

Во мај годинава, Мелник беше дел од националниот тим на Светското екипно првенство на IBCA (Интернационалната Брајова шаховска асоцијација) каде направи сензација освојувајќи сребрен медал на петтата табла.

За постигнатиот резултат во Охрид Мелник изјави: „Не сум презадоволен од постигнатото, но секако дека ми значи континуитетот на добри настапи. Претходно бев дефокусиран од други настани кои го окупираа моето внимание и на овие турнири можев да се сконцентрирам и да го остварам резултатот што потајно го посакував. Искрено посакувам да имам повеќе настапи во конкуренција на слепи и слабовидни шахисти, каде што се чувствувам еднаков, наспроти играта на другите турнири кога чувствувам поголем притисок. Знаејќи дека овој резултат ми овозможува директен настап во завршницата на првенството следната година, ќе се обидам да го подобрам пласманот на крајот, бидејќи оваа година почувствував замор по одиграни 18 партии“ – изјави 17‑годишниот Стефан.

Тој беше најмладиот учесник на завршниот турнир, а покрај бронзениот медал на своето име додаде 59 рејтинг поени.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи