Почетна
Спорт

Стојанов ги избра 14-те девојки за Мостар

Женската репрезентација до 20 години ќе настапи на БВА Зонските квалификации од 19 до 23 август во Мостар, Босна и Херцеговина.

·Спорт
Стојанов ги избра 14-те девојки за Мостар

Селекторот Деан Стојанов го соопшти списокот од 14 девојки кои ќе го претставуваат македонскиот женски репрезентативен состав до 20 години на БВА Зонските квалификации во Мостар. Турнирот се игра од 19 до 23 август и претставува значајна можност за оваа генерација во пресрет на Европското првенство 2027.

Одлуката беше донесена по тринеделните подготовки и трите тренинг контроли што се одржаа заедно со А националниот тим, кои им овозможија на селекторот и стручното штаб да ги проценат кондицијата и формата на играчките.

Делегацијата вечерва со автобус заминува за Мостар, утре попладне е предвиден официјален тренинг, додека натпреварувачкиот дел стартува в среда.

Распоред и група

Сите натпревари ќе се играат во спортската сала „Бијели бријег“ во Мостар. Македонија е дел од групата А и го отвора турнирот на 19 август, на пладне, против Романија. Во второто коло, на 20 август од 14:30 часот, игра со Белорусија, а групната фаза се заокружува на 21 август од 19:30 часот со меч против домаќинот Босна и Херцеговина.

Во групата Б се репрезентациите на Србија, Бугарија, Русија и Турција. Натпреварите за пласман ќе се играат на 22 и 23 август.

ЦЕВ се уште не ја има прецизирано бројката на селекции што ќе продолжат од овој зонски турнир во следната квалификациска рунда, која е закажана за 21–24 јануари следната година.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи