Почетна
Македонија

Стручна комисија: невролошката состојба на родилката од Струмица не е предизвикана од спинална анестезија

Комисијата најверојатно ја поврзува состојбата со спонтано крвавење од ретка васкуларна малформација и препорачува продолжување на дијагностиката и рехабилитацијата.

·Македонија
Стручна комисија: невролошката состојба на родилката од Струмица не е предизвикана од спинална анестезија

Стручна комисија именувана од министерот за здравство ја заврши истрагата за лекувањето на родилката од Струмица и едногласно заклучи дека нејзината невролошка состојба не е последица на спиналната анестезија применета при породувањето, ниту на лекарска грешка во која било од здравствените установи, соопшти министерот Сашо Клековски.

Наодите и препораките на комисјата

Комисијата ги разгледала целокупната медицинска документација од трите здравствени установи, снимките од магнетната резонанца и дополнителните појаснувања побарани од болниците; секој член се изјаснил поединечно за својата област, а заклучоците биле донесени со согласност на сите членови.

Според комисиските наоди, најверојатна причина е спонтано крвавење од ретка малформација во крвните садови на повисоко ниво, која не може да се утврди со ангиографијата направена на Клиниката за неврологија. Причината сè уште не е дефинитивно утврдена; комисискиот совет препорачува конечно утврдување на етиологијата кога состојбата на пациентката ќе го дозволи и продолжување на рехабилитацијата со редовно невролошко следење.

Министерот Клековски рече дека лично ги избрал докторите за стручниот надзор, водејќи сметка ниту еден од нив да нема личен контакт со предметот на пациентката, "само за да се обезбеди максимална објективност". Тој истакна и дека грижата за време на бременоста, упатувањето во Клиничката болница – Штип, породувањето со царски рез, анестезијата и следењето по операцијата биле спроведени според важечките протоколи и добрата клиничка пракса.

„Комисијата за надзор над стручната работа формирана од моја страна го заврши надзорот над лекувањето на родилката од Струмица и едногласно заклучи дека нејзината невролошка состојба не е последица на спиналната анестезија, применета при породувањето, ниту на лекарска грешка во која било од здравствените установи во кои била лекувана. Лекувана е во Општата болница Струмица, во Клиничката болница – Штип и во Клиниката за неврологија во Скопје. Во основа, јас лично сметам, и тоа неколку пати го изјавив, дека секој случај, посебно ваков случај на наводи за можна лекарска грешка кај родилка, заслужува највисок степен на внимание и највисок степен на претпазливост за како наш личен однос кон пациентката, пациентот, може да биде, и пристапивме многу сериозно во оваа работа“,

рече Клековски и додаде дека спиналната анестезија била дадена во лумбалниот, долниот дел на 'рбетот, со стандарден лек и стандардна доза, додека промената која предизвикала невролошки симптоми била утврдена значително повисоко во градниот дел на 'рбетниот столб. Постоперативниот тек бил уреден, пациентката е отпуштена без документирани невролошки симптоми, а тие се појавиле неколку дена подоцна.

Комисијата, формирана на 19 август 2026 година по предлог на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, ја чинеле пет експерти од различни специјалности, од кои двајца од странство: д-р Игор Самарџиски (гинеколог акушер, ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, претседател); д-р Горан Рондовиќ (анестезиолог, началник на Клиниката за анестезиологија на Воено-медицинска академија – Белград); д-р Дејан Георгиев (невролог, раководител на одделот за неврологија на Универзитетски клинички центар – Љубљана); д-р Миќун Миќуновиќ (неврохирург, ЈЗУ Специјална болница „Св. Еразмо“ – Охрид); и д-р Дејан Даскалов (радиолог, ЈЗУ Универзитетски институт за радиологија – Скопје).

Д-р Игор Самарџиски појасни дека пациентката била регуларно префрлена на повисоко ниво поради стручна проценка дека се работи за ризична породување; царскиот рез бил направен без компликации, а пациентката била отпуштена во добра општа состојба по протоколарните четири дена. По појавата на невролошките симптоми два дена по исписот започнало лекувањето во Општата болница Струмица, а подоцна по влошување била упатена на Клиниката за неврологија во Скопје.

Неврохирургот д-р Миќуновиќ рече дека на МРИ е видено крвавење во градниот дел на 'рбетниот мозок, но точната причина не е утврдена; тој сомнева на нарушено оформување на крвни садови кои прокрвавиле инцидентно и тоа не е поврзано со анестезијата или царскиот рез. „Но, во ниту еден случај не постои причинско-последична поврзаност на лумбална пункција, тоа е спинална анестезија во слабинскиот дел, и крвавење во градниот дел на 'рбетниот мозок. Ова со право можам и да го земам бидејќи спиналната анестезија што се аплицира како лумбална пункција – боцкање во 'рбетот за земање на мозочна течност, го прават и неврохирурзите во дијагностички цели и поставување на дренаж. Така што тоа е еден дел и од нашата пракса. И консултирана е и странска литература... Никаде како компликација не е опишано крвавење во граден дел на 'рбетниот мозок после лумбална пункција или спинална анестезија“,

додаде Миќуновиќ.

Клековски рече дека ја посетил пациентката на Универзитетската клиника за рехабилитација во Козле, каде што била 30 дена по исписот од Неврологија, и дека нејзината состојба се подобрувала, со вертикализација со помош на лонгитуд.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи