Студенти бараат оброк од 200 денари, поевтин меѓуградски превоз и подобри услови во домовите
Студентските организации бараат зголемување на оброкот од 140 на 200 денари, попусти за меѓуградски превоз и подобри услови во домовите; Министерството ќе ги разгледа барањата.

Студентите бараат зголемување на субвенционираниот студентски оброк, воведување попусти за меѓуградски превоз и подобрување на условите во студентските домови, соопштуваат студентските организации.
Од платформата „Студентарија“ велат дека го очекуваат Министерството за образование и наука да ги разгледа и да ги прифати нивните барања кои, според нив, ќе помогнат да се намалат трошоците за студентскиот живот.
„Студентските организации веќе побараа покачување на студентскиот оброк од 140 на 200 денари. Ние побаравме и да се направи одреден договор помеѓу Министерството за образование и Министерството за транспорт со кое ќе се направи попуст за меѓуградски превоз“ – вели Александар Николовски од платформата „Студентарија“.
УКИМ: проблемите остануваат
Универзитетското студентско собрание на УКИМ оцени дека проблемите на студентите се сериозни и побара побрзо и поцелосно делување од надлежните институции, како и повнимателна работа на студентските служби поради случаите кога студенти останаа без оброк.
„И оваа година го имаме истиот проблем како изминатите. Многу студенти беа одбиени за студентски субвенциониран оброк затоа што студентските служби на факултетите навремено не го испратиле списокот на редовни студенти до Министерството за образование“ – вели Ангела Василевска, претседателка на универзитетското студентско собрание на УКИМ.
Министерката за образование и наука изјави дека е запознаена со проблемите и дека ќе се разгледа што може да се преземе.
„Пресметката сега кажува дека според стапката на инфлација студентскиот оброк треба да се зголеми само за седум денари. Значи тој би бил 147 денари. Иницијативата за зголемување на сумата е стигната до МОН. Ние веќе почнавме да размислуваме за промена на методологијата“ – изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Од студентските совети најавуваат и дека кон крајот на месецот ќе биде пуштена апликација за полесно наоѓање пракси и вработување за студентите.
Фото: прес-материјал од настанот


