Студентите бараат повисок субвенциониран оброк, Владата нуди електронски ваучери
На средбата студентите побараа зголемување од 140 на 200 денари, а властите понудија нов систем со ваучери.

Студентите не отстапуваат од барањето за зголемување на субвенционираниот студентски оброк и велат дека веќе две години се во неизвесност околу тоа дали и за колку ќе биде зголемен износот. Тие предупредуваат дека доколку надлежните не им одговорат, следните чекори ќе ги одредат по студентскиот референдум.
На средбата што се одржа вчера со премиерот и министерката за образование Весна Јаневска, студентите побараа да се зголеми износот од 140 на 200 денари. Но наместо конкретен одговор за пораст на сумата, Владата понуди нов модел за користење на субвенцијата преку воведување електронски ваучери.
Како ќе функционираат ваучерите
Предложениот модел би бил алтернатива на сегашните посебни картички на кои се исплаќаат 840 денари, при што ваучерите ќе можат да се користат само кај одредени оператори кои ќе продаваат исклучиво храна. Како што рече министерката, „Целта на овој систем е да ја користат субвенцијата за здрава храна, тоа што и била намената на законот и да ја користат за она што е вистинската намена, односно да не можат да користат алкохол цигари и друго нешто што тие вообичаено го прават според нивните кажувања и според она што може да се види во градот. Ќе може да го користат секаде каде што се одредени оператори кои ќе им продаваат исклучиво само храна,“ вели Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Студентските лидери, сепак, нагласуваат дека суштината е во висината на субвенцијата. „Тоа го планираме до следна недела да биде завршено но сепак одговорот на студентите за систематската промена не е зависна со промената на сумата на оброкот заради тоа што студентите ќе го користат субвенционираниот студентски оброк и додека имаат картички и додека користат електронски ваучери. Така да не е спорно дали ќе имаме нов систем спорно е кога државата ќе го зголеми овој субвенциониран студентски оброк. Се надевам државата ќе биде свесна дека студентите се иднината на оваа држава, но иднинатане доаѓа за 10 години, за 15 години, студентите се сега. На студентите им треба оброк сега и треба да инвестираат во студентите сега за потоа студентите да можат да придонесат на ова економија,“ вели Ангела Василевска, претседателка на УСС УКИМ.
Разговорите меѓу студентите и надлежните продолжуваат, а веќе е најавено дека ќе има зголемување на сумата, но засега не е прецизирано колкаво ќе биде тоа. Студентите исто така обвинуваат дека износот не е зголемен три години и дека не се почитуваат законските одредби.
Организаторите велат дека на референдумот ќе ги постават прашањата што ги засегаат студентите и тековните проблеми со кои се соочуваат, а резултатите ќе служат како водилка за понатамошни акции доколку одговорот на Владата не ги задоволи.
Фото: прес-материјал од настанот


